АктуелноОхрид

Успешно заокружена уште една фестивалска сезона на Интернационалните фолклорни фестивали Охрид , Македонија

Во живописното село Годивје, Дебрца, во етно амбиентот Андревци, денеска се заокружи годинешната плодна фолклорна сезона на Меѓународната фолклорна федерација на Македонија.  Насредбата присуствуваа главните организатори како и најблиските соработници кои во текот на летниот период вложија голем труд и напор за беспрекорна организација на сите фестивалски денови.

Според сумираните податоци вкупно реализирани се околу 40-тина фолклорни фестивали од кои повеќето се во Охрид -20, а други во соседството Грција – 6, Албанија -5 и Црна Гора -5. На фестивалските сцени продефилираа бројни фолклорни групи од целиот Балкан и пошироко, а за сето тоа да помине во најдобар ред задолжени беа организацискиот дел од ИФФОМ  предводен од Миленко Андрески.

Преку меѓународните фолклорни фестивали, учесниците имаат можност да ги претстават традицијата, народните песни, ората и носиите од своите краишта, истовремено создавајќи нови пријателства и градејќи културни мостови меѓу народите.

Завршната средба во Годивје претставуваше можност да се заокружи уште една фестивалска сезона исполнета со културни содржини и посветеност на фолклорот како значаен дел од националниот и светскиот културен идентитет.

Со ваквите активности, Меѓународната фолклорна федерација продолжува да ја потврдува важноста на културната размена и меѓусебното поврзување преку традицијата, музиката и играта.

Средбата беше можност за заедничко дружење, размена на впечатоци и осврт на реализираните активности во текот на сезоната, посветени на негувањето, зачувувањето и афирмацијата на фолклорното наследство.