По мотото „Создадена да создава“, Општина Охрид организираше празнична програма во чест на Меѓународниот ден на жената 8-ми Март.
Во рамки програмата доцна попладнево во „Арт Тераса“ се одржа изложбата на фотографии „Жени во фокусот“, каде што пригодно обраќање имаше Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.
– Самиот мотив на овој прекрасен настан „Создадена да создава“ ја носи во себе суштината на една жена. Таа отсекогаш била и останува извор на живот, на инспирација, на создавање, не само во семејството, туку и во општеството, во културата, во науката, во уметноста и во секое поле каде што човечноста остава трага.
Осми Март е ден кога симболично им оддаваме почит на жените, но вистинската почит кон жената не смее да биде ограничена само на еден датум во календарот.
Таа треба да се препознава секој ден, во начинот на кој го вреднуваме нејзиниот труд, во поддршката што и ја даваме и во можностите што ги обезбедуваме таа слободно да напредува, да твори и да го остварува својот потенцијал.
Жената е сила и нежност во исто време. Со својата посветеност, мудрост и трпение таа создава вредности што го обликуваат општеството и го прават похумано и побогато.
Но денес, е многу важно да споменеме и за заштитата на жената и нејзиното достоинство. Нашата заедничка обврска е да градиме средина во која секоја жена ќе се чувствува безбедна, почитувана и ценета. Средина, во која жените ќе имаат простор да ја изградат својата среќа.
Особено ми е чест што вечерва имаме можност да ја погледнеме иложбата „Жени во фокусот“, дело на младата фотографка Нина Ангелоска. Преку нејзиниот објектив се претставени 12 охриѓанки кои со својата работа, знаење и талент оставаат длабока трага во нашата заедница. Овие фотографии се повеќе од уметнички портрети, тие се приказни за посветеност, храброст и инспирација.
Охрид отсекогаш имал силни и успешни жени. Во минатото, но и денес, нашиот град бил и е дом на жени кои се вистински пример за достигнување и чест. Верувам дека така ќе биде и во иднина, затоа што нашата средина отсекогаш знаела да препознае, поддржи и изгради жени кои создаваат историја.
Да бидеме горди на нивните успеси, да ја поддржиме нивната визија и да продолжиме да градиме општество во кое жената ќе биде охрабрена да го даде најдоброто од себе. Верувам дека оваа манифестација ќе продолжи да се развива и да биде постојан потсетник за значењето на една жена!
На крајот, дозволете ми во мое лично име и во името на градоначаникот Кирил Пецаков, да Ви го честитам Меѓународниот ден на жената – Осми Mарт.
Нека секој ден ви донесе почит, љубов и мотив да создавате и да го менувате светот на подобро, истакна Божиновски во своето обраќање.
Како дел од празничната програма беше одржан и концерт на естрадните уметници Ѓорѓи Ѓорчев и Кате Танева.
Исто така, во чест на празникот на жената вечерва беше организирана изложбата на фотографии „Жени зад објективот“ од Фото куб Охрид и изложба на дела од жени сликарки во органзиација на Женски центар „Бисера“.











