АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

ТАВ АЕРОДРОМИ: Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид се стекна со Ниво 2- Акредитација за управување со јаглеродни емисии на аеродроми

Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на ADP-групацијата, постигна Ниво 2-Aкредитација за управување со емисии на јаглерод на аеродроми.

Охридскиот аеродром ја доби оваа акредитација за управување со емисии на јаглерод на Ниво 2, од Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International-ACI) во рамките на нивната глобална програма за акредитации на аеродроми за управување со јаглеродни емисии (Airport Carbon Accreditation-ACA) како резултат на активностите преземени во процесот за намалување на емисиите на јаглерод во работењето на аеродромот.

„Достигнувањето на акредитацијата-Ниво 2 за управување со јаглеродни емисии на аеродромот претставува официјално признание дека Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид систематски ги мери, анализира и активно работи на намалување на своите емисии на јаглерод. Оваа акредитација ја потврдува нашата посветеност како ТАВ Македонија на меѓународните стандарди за одржливост и испраќа јасна порака дека заштитата на животната средина е стратешки приоритет во работењето на аеродромите што ги управуваме. Преку вакви конкретни чекори, ние продолжуваме да придонесуваме за поодговорен развој на воздухопловството и за долгорочни придобивки за заедницата и идните генерации“, рече Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Акредитацијата – Ниво 2 за охридскиот аеродром директно покажува дека аеродромот не само што го разбира своето јаглеродно влијание, туку и имплементирал ефикасни стратегии за активно намалување.

Ова значи дека аеродромот во Охрид воспоставил јасни и мерливи цели за намалување на емисиите и од Опсег 1 и од Опсег 2, кои вклучуваат емисии од потрошувачката на енергија на самиот аеродром, греење, ладење и возилата во сопственост на аеродромот.

Клучните иницијативи што придонесуваат за постигнување на ова ниво се – транзиција на возниот парк, зголемување на уделот на опрема за копнена поддршка на батериски или хибриден погон, оптимизација на потрошувачката на енергија, користење обновливи извори на енергија и инвестирање во инфраструктура за полнење на електрични возила (EV), унапредување на управувањето со отпад, програми за ефикасно користење на водата, обуки на персоналот и иницијативи за подигање на свеста со цел вградување на одржливоста во секојдневното работење, како и формирање Комитет за одржливост за надзор и управување со еколошките ризици и обезбедување дека намалувањето на јаглеродните емисии останува стратешки приоритет.

Акредитацијата за управување со емисии на јаглерод на аеродроми е единствената институционално одобрена, глобална програма за сертификација за управување со емисии на јаглерод за аеродромите, која им помага да управуваат и да ги намалат своите емисии на јаглерод во согласност со меѓународните стандарди. Независно ги проценува и признава напорите на аеродромите за управување и намалување на нивните емисии на јаглерод преку 7 нивоа на сертификација: „Ниво 1“, „Ниво 2“, „Ниво 3“, „Ниво 3+“, „Ниво 4“, „Ниво 4+“ и „Ниво 5“.

Меѓународниот совет на аеродроми (Airport Council International – ACI) е глобална трговска организација која ги претставува аеродромите ширум светот и работи на подобрување на безбедноста, ефикасноста и одржливоста во воздухопловството.