АктуелноОхрид

(ФОТО) Реализиран третиот Меѓународен православен христијански црковен детски камп -Струга 2026

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј, од 23 до 26 јули 2026 година во Струга успешно се одржа Третиот меѓународен православен христијански црковен детски камп. Кампот е идеја и иницијатива на ерејот Ристе Наумоски, парох на Вранишката парохија при МПЦ-ОА и раководител на кампот. Учество зедоа младите од Вранишката парохија „Православна младина“ и младите од соборниот храм „Воскресение Христово“ од Подгорица, Црна Гора, под мотото: „Во верата соединети, во љубовта обединети.“
За разлика од претходните години, овогодишниот камп беше организиран како духовно-поклоничко патување низ храмови и свети места во Струга, струшкиот крај и Охрид. Во текот на четирите дена децата преку заедничка молитва, дружење, едукативни работилници и рекреативни активности ја зацврстуваа својата вера, создаваа нови пријателства и ја продлабочуваа меѓусебната љубов и почит.
Првиот ден учесниците ги посетија храмовите во селото Радожда, меѓу кои и пештерниот храм „Свети архангел Михаил“, по што следуваа заедничка трпеза и дружење покрај Охридското Езеро.
Вториот ден активностите се одржаа во Мислешево, каде по утринската молитва беа организирани спортски игри, калиграфска работилница и изработка на бројаници. И покрај неповолните временски услови, програмата успешно продолжи во просториите на храмот „Свети Јован Крстител“, а вечерта учесниците се прошетаа покрај кејот на реката Црн Дрим.
На 25 јули учесниците присуствуваа на осветувањето на храмот „Свети Никола“ во село Нерези и на Светата Архиерејска Божествена Литургија со која чиноначалствуваше митрополитот Георгиј. По заедничката трпеза настапија на културно-уметничката програма, а вечерта го посетија Охрид – Балканскиот Ерусалим.
Последниот ден присуствуваа на Светата Литургија во Враништа, го посетија храмот „Свети Власиј“ во Ложани и се запознаа со неговата историја. На крајот им беа врачени дипломи и пригодни дарови, со што беше заокружен уште еден успешен камп. Организаторите упатија искрена благодарност до сите кои придонесоа за реализацијата на кампот – свештенството, верниците, жителите на Радожда, Враништа и Мислешево, родителите и сите добронамерни луѓе.
Со надеж дека овој благословен потфат ќе продолжи да се развива и во иднина, овогодишниот камп заврши во духот на христијанската љубов, заедништво и благодарност кон Бога.