АктуелноОхрид

Во специјалната болница за ортопедија и трауматологија Св. Еразмо направен комплексен зафат во хируршка интервенција на глава

Предизвикот беше да се направи хируршка реконструкција на дефект на левата челно-слепоочна регија од главата кај млад пациент повреден пред 3 години. Незгодата и лекувањето беа извршени во друга земја каде е пружена првата помош, која што се состоеше и во отстранување на интракранијално крвавење. По стабилизирање на тешката општа состојба на пациентот, истиот е вратен во матичната земја за долекување во нашата болница. На приемот во нашата болница имаше знаци за инфекција на претходно извршената оперативна интервенеција на главата, по што се донесе одлука за отстранување на коскениот капак за санација на инфекцијата. По резолуција на инфекцијата кај пациентот се оформува евидентен коскен дефект во левата челно-слепоочна регија. Евентуално реконстуктивна корекција на дефектот доаѓаше во предвид по минимум 6 месеци слободен период без знаци за локална инфекција. Поради уникатната форма на дефектот, традиционалните, комерцијално достапните решенија не беа соодветни (рачно моделирање на биолошки цемент за изработка на нов коскен капак).
🧩Со помош на експертизата на д-р Стефан Арсенков и најновите достигнувања во технологијата за 3D печатење во нашата земја 3DLoom, успеавме да дојдеме до решение кое целосно одговараше на потребите на пациентот. Резултатите беа одлични, што ја покажува моќта на иновацијата за индивидуален пристап кон засегнатиот пациент.
📍Горди сме на напредокот што го правиме во областа на неврохирургијата во нашата болница, и овој успех е уште еден чекор напред кон персонализирани здравствени решенија.
⬇️Повеќе информации за случајот подолу ⬇️
Вовед: Краниопластика е неврохируршка процедура која се користи за реконструкција на кранијални дефекти, најчесто изведувана по декомпресивна краниектомија како резултат на траума, хеморагија, тумор или инфекција [1]. Освен што ја враќа естетиката на черепот, краниопластиката има и важна заштитна и физиолошка улога. Првите познати краниопластични интервенции датираат уште од околу 7000 година п.н.е., кога инканските хирурзи користеле метални плочи и тикви за поправка на дефекти на черепот [2]. Во современата краниопластика се користат различни материјали, вклучувајќи автологна коска, титаниум, полиетеретеркетон (PEEK), полиетеркетонкетон (PEKK) и полиметилметакрилат (PMMA). Последните технолошки достигнувања овозможуваат користење на 3D-печатени импланти изработени по мерка на пациентот, со цел подобрување на хируршката прецизност и резултати.
Приказ на случај: Претставуваме случај на 26-годишен маж кој претрпел тешка трауматска повреда на мозокот по сообраќајна несреќа. Првичниот третман вклучувал краниотомија и евакуација на хематом, но постоперативниот тек бeше комплициран со рана инфекција стекната од првичната установа, предизвикана од Klebsiella pneumoniae, што доведе до отстранување на фронталниот коскен оперкулум. По тригодишен период без инфекција, пациентот се јави со голем фронтотемпорален дефект на левата страна од черепот, што му предизвикуваше значителна козметска и психолошка неладогност.
Планирана беше краниопластика со индивидуално дизајниран PMMA имплант, формиран интраоперативно со користење на 3D-печатен негативен калап изработен врз основа на високорезолутивна компјутерска томографија (КТ) на черепот на пациентот. Моделот беше стерилизиран и употребен за обликување на PMMA имплантот, кој го реконструираше фронталниот дел на черепот, сутура на орбиталниот раб и темпоралната контура. Хируршката интервенција помина без компликации, а имплантот совршено се вклопи со претходни минимални корекции. Постоперативните снимки потврдија оптимално порамнување, а пациентот закрепна добро, без невролошки дефицити и со одличен естетски резултат.
Дискусија: PMMA долго време претставува префериран материјал за употреба при краниопластика поради неговата достапност, леснотијата во обликувањето и механичката стабилност. Како што забележуваат Shah et al. (2014), употребата на овој материјал датира со децении наназад и сè уште е вообичаена поради неговата структурна сигурност и биолошка инертност. Сепак, неговата примена историски била ограничена поради повисоките стапки на инфекција во споредба со материјали како автологна коска или титаниум. Мета-анализата на De Souza Leão et al. (2018) потврдува дека иако PMMA е поврзан со малку зголемени постоперативни компликации, исходот може да се оптимизира со соодветна хируршка техника и индивидуализирано планирање [2,3].
Современите достигнувања во 3D-печатењето повторно го актуелизираа користењето на PMMA во модерната краниопластика. Имплантот во овој случај беше моделиран со користење на 3D-печатен негативен одлив добиен од високорезолутивна КТ снимка. Овој пристап е сличен на оној на Da Silva Júnior et al. (2021), кои успешно третирале 16 пациенти со нискобуџетни, персонализирани 3D-печатени калапи за PMMA импланти, при што е забележана висока прецизност и задоволство кај пациентите. Слично, De La Peña et al. (2018) и Ѓуриќ et al. (2019) ја демонстрираа економичноста и точноста на користење полилактиден (PLA) калап во средини со ограничени ресурси, со значително намалување на трошоците без компромитација на клиничкиот квалитет [4, 5, 6].
Во однос на употребата на алтернативни материјали, Wesp et al. (2022) направија споредба помеѓу PMMA и титаниум-засилен калциум-фосфатен (CaP) имплант, при што беше утврдено дека CaP покажува предности во остеоинтеграцијата, но PMMA останува изводлива опција кај пациенти со ограничени финансиски средства. Хистолошката анализа покажала раст на коска и васкуларизација во рамките на имплантот, што ја поддржува неговата долгорочна биокомпатибилност и потенцијалот за трајна кранијална реконструкција.
Frassanito et al. (2012) прикажуваат успешна долгорочна интеграција на макропорозен хидроксиапатит, но истовремено ја потенцираат комплексноста и високата цена поврзани со биолошки активните импланти. За разлика од тоа, PMMA (полиметилметакрилат) и понатаму претставува сигурен, економичен и лесно обликуван материјал со моментална лесна интраоперативна достапност и висока механичка цврстина, што го прави практичен избор за краниопластика – особено во услови каде што биолошката интеграција не е пресудна или ресурсите се ограничени.
Слично, Punchak et al. (2017) ги анализираа резултатите од употребата на полиетеретеркетон (PEEK), при што беше забележана супериорна долгорочна интеграција, но исто така значително повисока цена и ограничена достапност [7, 8, 9].