понеделник, ноември 18, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Денес се празнува Светиот свештеномаченик Артемон

Беше свештеник во Лаодикија во времето на царот Диоклецијан. За себе пред судијата мачител рече: „Се викам Артемон, роб на Христа мојот Бог; шеснаесет години бев чтец и читав книги во Црквата на мојот Бог; дваесет и осум години бев ѓакон и го читав Светото Евангелие; триесет и три години наполнив како презвитер поучувајќи ги луѓето на патот кон спасението со помош на Христос“.

Судијата го воведе во храмот на Ескулап, каде што жреците негуваа големи змии посветени на тој „бог“. Сите мислеа дека змиите ќе го каснат Артемон. Но тој се прекрсти и со силата на крстот ги прикова сите тие змии на земја, така што не можеа да мрднат.

Сите ги опфати ужас. Главниот жрец на храмот, Виталиј, штом го виде ова чудо падна на колена пред Артемон и возвикна: „Голем е христијанскиот Бог!“ Него, а и неколкумина пријатели со него, свети Артемон ги крсти. Но злочестивиот судија остана упорен и го мачеше старецот Артемон со разни маки. Еднаш сакаше да го фрли во врела смола, но самиот падна од коњот и падна во неа и изгоре. При ова беа видени два орли како се нафрлија врз него, го оттргнаа од коњот и го фрлија во смолата.

Свети Артемон остана слободен и извесно време одеше наоколу со двата верни елени што го придружуваа и го поучуваше народот. Но повторно го фатија и го убија во 303 година. Неговата душа се пресели во царството на Господ Христос, Кому Артемон Му послужи верно на земјата.

denovi.mk