АктуелноОхрид

Четврт век чекаа на општина Струга, на крај сами си го изградија мостот-жителите на Мороишта и Мислешево покажаа што значи слога

ЧЕТВРТ ВЕК

 

По цели 25 години чекање, бројни барања и надежи дека локалната самоуправа конечно ќе го реши проблемот, жителите на струшките села Мороишта и Мислешево одлучија да не чекаат повеќе. Со сопствен труд, заедништво и добра волја, сами го обновија мостот што ги поврзува двете села.

 

Она што Општина Струга не успеала да го реши цели четврт век, жителите го направија со сопствена иницијатива, покажувајќи дека слогата и заедничката работа можат да дадат конкретни резултати и таму каде што институциите со години потфрлаат.

 

Дваесет и пет години се менуваа градоначалници, се одржуваа локални избори, се бараа гласови и се даваа ветувања, а мостот остануваше проблем на граѓаните. Политичарите доаѓаа и заминуваа, додека жителите на Мороишта и Мислешево продолжуваа да чекаат решение за инфраструктура што е од непосредно значење за нивното секојдневие.

 

Овој случај отвора сериозно прашање за односот на Општина Струга кон потребите на жителите во руралните средини. Како е можно цели 25 години да не се најде институционално решение за обновување на мост што поврзува две населени места? Дали граѓаните треба сами да градат и обновуваат инфраструктура за која редовно плаќаат даноци и од која очекуваат основни услуги од локалната власт?

 

Особено е поразителен фактот што во текот на изминатите две и пол децении се одржаа повеќе изборни циклуси, во кои кандидатите за градоначалници бараа поддршка и гласови и од жителите на овие села. Но, кога требало да се реши конкретен проблем, според сведоштвата на жителите, институционалната поддршка изостанала.

 

Наместо свечено отворање од страна на општинските функционери, овојпат лентата ја пресекоа самите жители, оние кои со сопствени раце и заеднички труд го обновија мостот.

 

Со молитва, свечено сечење на лентата и зборовите „За многу години да ни е, со здравје да го користиме мостот“, беше означено неговото повторно пуштање во употреба.

 

Ова е приказна за слогата и упорноста на граѓаните, но истовремено и сериозна критика за институционалната негрижа.

 

Жителите на Мороишта и Мислешево заслужуваат признание за својата иницијатива и заедништво. Но, нивниот успех не треба да биде оправдување за институциите да ги избегнуваат своите обврски.

 

Напротив, останува прашањето зошто граѓаните морале сами да го направат она што со децении го очекувале од надлежните.

 

По четврт век чекање, мостот конечно ги поврза Мороишта и Мислешево. Но, остана отворено прашањето за одговорноста на сите оние што во изминатите 25 години бараа гласови од овие граѓани, а не успеаја да го решат нивниот проблем.

 

Нека е за многу години и со здравје да го користат мостот!