Завршувајќи ја душеполезната Света и Велика Четириесетница, Свештената Бигорската Обител ве поканува заедно да го прославиме празникот на Влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим – Цветници, како најава за конечниот триумф на Животот над смртта.
По тој повод, во недела, 28 април 2024 година со почеток во 08:30 ч., во Сечесниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ во Дебар ќе биде отслужена Божествена Архиерејска Литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во старата дебарска населба Варош, е изградена во 1840 година и е една од најубавите преродбенски цркви во Македонија, вистински спомен на духовниот и градителски дострел на нашите предци од тој славен период, имајќи ги предвид и тешките општествени и економски услови и ограничувања. Порано била главен соборен храм на Дебарското архиерејско намесништво, но и седиште на Дебарската митрополија. Според формата таа претставува трикорабна базилика, насликана со ѕиден живопис и иконостас со прекрасни икони од XIX век. Неодамна, според иницијативата и заложбите на Епископот Антаниски г. Партениј и во соработка со црковниот одбор и благочестивите дебрани, врз храмот беа изведени обемни конзерваторски и реставраторски работи, со што беше заштитен неговиот покрив од прокиснување, беа санирани големите оштетувања во внатрешноста, комплетно беше реновиран црковниот трем и исто така, од страна на Бигорското братство беше извршено целосно очистување и украсување на црквата. Целта на претстојното богослужение е, меѓу другото, да ѝ направиме чест на Пресветата Владичица наша Богородица, заради оваа нејзина црква-паметник со големо историско и духовно значење, како и да им оддадеме чест и благодарност на богољубивите предци, коишто со голема пожртвуваност ни го оставиле тоа велелепно и свето наследство.
ЛОКАЦИЈА НА ЦРКВАТА
Благослов да присуствуваат на богослужбите имаат сите оние кои молитвено сакаат да ги прослават овие големи празници, подготвувајќи се за Страдалната седмица на нашиот возљубен Спасител и Господ Исус Христос.
Бигорски манастир