Наш ИзборНаш изборРегион

Во финална фаза подготовките за поставување бистата на Гоце Делчев во центарот на Пустец

Се финализираат подготовките за поставување биста на апостолот на македонскиот народ, Гоце Делчев, на плоштадот во Пустец, кој го носи неговото име, информираше за МИА, Васил Стерјовски, претседател на партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, по чија иницијатива се поставува бистата.

Сите потребни активности се веќе завршени, деновиве ќе биде поставен постаментот а потоа и бистата, која ќе биде откриена на свеченоста што ќе се организира на 4 мај, по повод 121- годишнина од убиството на Гоце Делчев. Голема благодарност до општината, советот и градоначалникот Пали Колефски, за поддршката што ја дадоа на нашето барање. Бистата е донација на нашата партија а автор на истата е Зоран Тошевски, додава Стерјовски.

Деновиве во салата на Советот на општина Пустец се одржала јавна дебата за барањето, на која Стерјовски и потпретседателот на МАЕИ, Ефтим Митревски го образложиле значењето и симболот на поставувањето на бистата на Гоце Делчев за македонската заедница.

Градоначалникот Колефски, од самиот почеток ја изрази поддршката од локалната власт заедно со Советот на општината кои активно се вклучија во организацијата на овој настан.

Гоце Делчев е фигура која зазема централно место во колективната меморија на Македонците во нашата општина. Поставувањето на неговата биста на плоштадот кој го носи неговото име не само што е знак на почит, туку и потсетник на неговите идеали и наследство, изјави Колефски за МИА по доставеното барање.

Стерјовски потсетува дека во 2008 година Советот на општина Пустец донесе едногласна одлука, со која плоштадот во Пустец го доби името „Гоце Делчев“, а поставувањето на оваа биста ќе биде важен додаток на заедницата и ќе придонесе за зачувување на македонското културно наследство и идентитет во регионот.

 

vesnik-ilinden.com