Република

Мицкоски: Внесот на Бугарите во Уставот е диктат кој го прифати оваа Влада, не ја гледам потребата за внесување на Бугарите кои ги уживаат сите права

Бугарски диктат не можеме да прифатиме. Од друга страна ги гледаме дел од претставниците на меѓународната заедница кои велат ние сме гаранција дека ова ќе се спроведе, а ние велиме во ред од вас сме слушнале многу гаранции. Но, ајде да земеме да работиме и да бидеме конструктивни, уверете ги вие Бугарите дека тоа што е одлука на европска институција треба да се почитува, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прашање за одложено важење на евентуално прифаќање на уставните измени за време на гостување на централниот Дневник во „Тема на денот“ на телевизија Сител.

Мицкоски укажа дека внес на Бугарите во Уставот е диктат прифатен од оваа Влада укажувајќи како да се верува дека ова ќе е последно барање на патот на Mакедонија кон Европската унија.

„Ако вие не можете да ја убедите Бугарија да почитува одлуки на европски институции, а Бугарија е потписник на Конвенцијата за човекови права како да веруваме. И ако вие не сте во можност да ја убедите Бугарија како да веруваме дека ова е последно барање и дека нема да има други барања. Ние бараме еден вид гаранција дека нема да има други барања и други понижувања“, кажа Мицкоски.

Според Мицкоски главно е што според Уставот права уживаат сите етнички заедници подеднакво.

„И доаѓаме до главното нашиот Устав е таков да  правата на секој граѓанин без разлика на етничка припадност е загарантирана. Нашиот Устав не завршува со тоа што се почитуваат правата на наведените туку на сите. Ние многу проголтавме изминатите години“, изјави Мицкоски.

Мицкоски заклучи  дека внесот на Бугарите во Уставот е диктат кој го прифати оваа Влада и оти  не ја гледа потребата за внесување на Бугарите во Уставот, бидејќи како што рече според Уставот сите припадници на заедници ги уживаат сите права.