По повеќемесечна предистражна постапка, под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска беше спроведена акција од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во која се приведени 17 лица.
Предметниот јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица, од кои за петмина постои основано сомнение дека во текот на месец октомври минатата година сториле кривично дело Овозможување бегство на лице лишено од слобода по чл.372 ст.2 од КЗ, додека едно лице се сомничи за помагање во сторување на кривичното дело.
Судија на претходна постапка им одреди притвор на шестмина. За останатите обвинителството бара да се одредат мерки на претпазливост.