Наш ИзборНаш изборРепублика

Министерот Тошковски и новинарот Салиу се соочија на прес конференција

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и новинарот Фуркан Салиу во вербален конфликт на прес конференција за тоа што точно се случувало при вчерашното приведување на новинарот, објави slobodnaevropa.mk.

Според Тошковски, Салиу присуствувал на натпревар кој бил од висок ризик и според она што можел да го види од снимките оцени дека во најмала рака имало спречување на службено лице во вршење на службена должност од страна на новинарот.

„Според службените белешки двете службени лица велат дека има физички напад, а од снимките кои јас ги видов во најмала мера има спречување на службено лице во вршење на службена должност“, рече Тошковски.

Директно го праша Салиу кој присуствуваше на прес конференцијата дали имал физички контакт со полицајците пред да го приведат?
Според новинарот такво нешто немало ниту во еден момент, за што министерот рече дека „лаже“.

Салиу и вчера вечерта негираше дека нападнал полициски службеник. Сметаше дека е уапсен затоа што снимал како полицијата тепа недолжно момче на фудбалски натпревар.

Тој вели дека поседува дозвола за пиштолот, кој е пронајден расклопен во неговиот автомобил при полициски претрес по инцидентот, во негово отсуство.

На денешната прес конференција го прашуваше Тошковски како е извршен претресот во автомобилот, без негово присуство. Тошковски кусо одговори дека е извршен преглед.

Сепак најави дека внатрешната контрола ќе го испитува и постапувањето на полицијата и дека целиот настан е снимен.

Претходно од СДСМ обвинија дека ВМРО ДПМНЕ е истата режимска партија од минатото.

„Гледаме обиди на најбрутален начин, со апсење новинар кој објави афера за ДПМНЕ да се врати ВМРО-МВРО“, велат од СДСМ.

Од ВМРО ДПМНЕ одговорија дека овој инцидент најмалку нив им одговара.

„Фуркан Салиу приведен е затоа што попречил и нападнал службени лица од Министерството за внатрешни работи и незаконски чувал огнено оружје во својот автомобил со наполнета рамка куршуми“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Дел од новинарските здруженија повикаа случајот веднаш да се реши и да се објават сите информации околу приведувањето на Салиу.

извор: slobodnaevropa.mk
фото:slobodnaevropa.mk