АктуелноОхрид

Охрид SOS: Општински служби ја приклучуваат пумпата да ја испумпува канализацијата директно во реката која е притока на река матица од Сини Вирој – која се влива во Сатеска па во Охридското Езеро

Не, не се работи за печатна грешка. Жители на Белчишта споделија со нас повеќе фотографии од локација во селото, каде општински служби секој втор ден ја приклучуваат пумпата да ја испумпува канализацијата директно во реката која е притока на река матица од Сини Вирој, која се влива во Сатеска па оттука и во Охридското Езеро. Според информациите кои ги добивме, повеќе од 10 години не работи пречистителниот контејнер, цел екосистем во блатото се загадува, а за ова никаде не се информира. Жителите реагираат и дека Зоран Ногачески – Градоначалник на Дебрца ветувал дека ќе го среди овој проблем, но сега ништо не се презема.

Белчишко Блато е блатен екосистем, кој се напојува со вода од повеќе од 10 видливи карстни извори, познати како „Сини Вироj“, вистински бисер на природата. Националната стратегија за заштита на природата 2017-2027 година препорачува да се прогласи за заштитено подрачје и во моментот тој закон е во фаза на усвојување. Понатаму, Белчишко Блато е дел од Националната мрежа Емералд на Република Македонија.

Блатото е реликтен остаток од некогашното Десаретско Езеро, со кое котлината Дебрца била поплавена во плиоценот. Со повлекување на Десаретското Езеро по должината на реката Сатеска, бројни ендемски видови на растителен и животински свет останале да постојат и понатаму во водите на блатото. Белчишкото Блато е најголемото сочувано водно живеалиште во Македонија, со површина од околу 1,2 км2.

извор: Охрид SOS