понеделник, ноември 18, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Денес се празнуваат Светите Четириесет и двајца маченици од Амореја

Сите беа војводи на византискиот цар Теофил. Кога царот Теофил ја изгуби битката со Сарацените околу градот Амореја, Сарацените го зазедоа градот, заробија многумина христијани, меѓу кои и овие војводи. Останатите христијани или ги убија или ги продадоа во ропство, а војводите ги фрлија во затвор, каде одлежаа седум години. Повеќепати доаѓаа муслиманските првенци и ги советуваа да ја примат мухамеданската вера, но војводите не сакаа ни да чујат.

Кога Сарацените им велеа дека Мухамед е вистински пророк, а не Христос, војводите ги запрашаа: „Ако двајца се препираат за една нива, па едниот рече моја е, а другиот не, туку моја е, а притоа едниот од нив има многубројни сведоци, другиот пак нема ниту еден освен себеси, што би рекле вие, чија е онаа нива?“ Сарацените одговорија: „Навистина, на оној којшто има многубројни сведоци“. „Право пресудивте“, им одговорија војводите. „Така е и со Христос и Мухамед.

Христос има многубројни сведоци – старите Пророци, коишто и вие ги признавате, а тие сите од Мојсеј до Јован Предтеча сведочат за Него, а Мухамед самиот за себе сведочи дека е пророк и нема ниту еден сведок“. Сарацените се засрамија, но повторно се обидоа да ја бранат својата вера на овој начин: „Дека нашата вера е подобра од христијанската се гледа по тоа што Бог нам ни даде победа над вас и ни ги даде најдобрите земји во светот и царство многу поголемо до христијанското“. На тоа војводите одговорија: „Кога би било така тогаш и египетското и вавилонското и елинското и римското идолопоклонство би биле вистинити вери, зашто во различни времиња секој од овие народи ги победуваше останатите и владееше над нив.

Очигледно е дека вашата победа и силата и богатството не ја докажуваат вистинитоста на вашата вера. А ние знаеме дека Бог некогаш им дава победа на христијаните, а некогаш допушта над нив маки и страдања за да ги исправи и приведе кон покајание и очистување од гревовите“. После седум години, во 845 година, војводите завршија со смрт под меч.

Нивните тела ги фрлија во реката Еуфрат, но испливаа на другиот брег, каде што христијаните ги зедоа и чесно ги погребаа.

 

denovi.mk