АктуелноОхрид

Обвинение за две фирми и две лица за смртта на Кристијан Љушев

ОЈО Охрид утврдило пропусти во почитувањето на прописите за безбедност при работа, односно дека окното за лифт и скалите не биле оградени, градилиштето не било обезбедено, а работникот бил ангажиран без договор, здравствен преглед и задолжителна обука за работа во специфични услови за работа и при сериозен и зголемен ризик по безбедноста и здравјето на работниците
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Охрид поднесе обвинение против две физички и две правни лица за смртта на работникот Кристијан Љушев, кој на 12 јануари годинава падна во необезбедено окно за лифт во зграда во изградба во Охрид.

Љушев, кој бил ангажиран како помошник монтер за внесување мебел, се сопнал од кофа оставена во ходникот на четвртиот кат, изгубил рамнотежа и паднал во окното до подрумските простории. Од падот се здобил со тешки телесни повреди и починал на самото место.

Обвинетите се товарат за тешки дела против општата сигурност, предизвикување општа опасност, повреда на правата од работен однос и непреземање мерки за заштита при работа.

Според обвинителството, првообвинетиот, кој бил одговорно лице во фирмата инвеститор на зградата, не ги презел задолжителните мерки за обезбедување на градилиштето. Окното за лифт не било оградено, на скалите немало заштитни огради, а влезот во објектот не бил обезбеден од пристап на неовластени лица. Дополнително, градилиштето не било одржувано во уредна состојба и во ходниците имало оставен градежен отпад.

Кобниот настан се случил на 12 јануари во утринските часови, кога четворица работници ангажирани од друга фирма влегле во зградата за да внесат дел од мебел. При пристигнувањето на четвртиот кат, Љушев се сопнал од кофа оставена во ходникот, изгубил рамнотежа и паднал низ отворот за лифт до подрумските простории. Од здобиените тешки телесни повреди починал на самото место.

Обвинителството ги товари и второто правно лице и неговиот управител за непочитување на прописите за работни односи и безбедност при работа. Според обвинението, Љушев бил ангажиран без договор за вработување, односно во непријавен работен однос, како помошник-монтер.

„Сега починатиот Кристијан Љушев го ангажирале без договор за вработување, во целосно непријавен работен однос. Дозволиле оштетениот да извршува работни задачи како помошник-монтер без да помине основна обука за безбедност и здравје при работа, без здравствен преглед и на работникот не му дале упатства за работа во специфични услови за работа и при сериозен и зголемен ризик по безбедноста и здравјето на работниците“,

се вели во соопштението од Обвинителството.
Без увид и процена на работната средина, работниците работеле врз основа на устен работен налог од управителот во работен простор-зграда во изградба, каде што постоела зголемена опасности ризик по нивната безбедност.

 

 

 

 

360stepeni.mk