АктуелноОхрид

На денешен ден почина Синиша Станковиќ, основоположник на Хидробиолошкиот завод во Охрид

На денешен ден, во 1974 година почина светскиот биолог Синиша Станковиќ, основоположник на Хидробиолошкиот завод во Охрид и ментор на првите македонски истражувачи на Охридското Езеро.

Професор Синиша Станковиќ бил еден од најеминентните биолози на поранешна Југославија и е еден од втемелувачите на екологијата како дисциплина. Бил член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ) и директор на Биолошкиот институт на Србија. Со својата научна дејност исклучително многу придонел за развојот на еколошкиот правец во биологијата, компаративните студии за потеклото и развојот на живиот свет на балканските езера, структурата и развојот на нивните екосистеми. Професор Станковиќ, во наставата на биолошките студии на универзитетите ги воведува како засебни предметите екологија, цитологија, ембриологија, динамика на развој, компаративна анатомија и др. Тој е автор и на универзитетските учебници „Компаративна анатомија на ‘рбетниците“, „Екологија“ и други, од кои учеа многу генерации на катедрите по биологија во шеесеттите, седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век.

Но, она што за нас e најважно е долгогодишната истражувачка работа на професор Станковиќ на Охридското Езеро, како и неговата улога на ментор под чие раководство се изродиле првите македонски и охридски научници: Јонче Шапкарев, Милчо Точко, Јорданка Серафимова-Хаџишче, Ѓорѓи Козаров, Борис Оцески, Иван Чадо. Како резултат на оваа работа произлегла и ненадминатата синтеза на 400 страници – „Охридското Езеро и неговиот жив свет“, за прв пат издадена во 1957 година на српскохрватски, во 1959 на македонски, а во 1960 година и на англиски јазик. Овој труд претставува енциклопедиско соединување на сите научно познати достигнувања и размислувања за живиот свет и лимнологијата на Охридското Езеро до тоа време.
Години наназад, уште во 1935 година, овој импозантен македонски ум (имено, неговиот дедо бил од Пожаране, тетовско), знаејќи го огромното значење на Охридското Езеро за светската наука, поведува иницијатива пред ресорните министерства на Кралството СХС, во Охрид, кај Билјанини извори, во месноста Студенчишта да се основа Хидробиолошкиот завод (порано Хидробиолошка станица или станција). На тој начин се создале услови за институционално, организирано и континуирано проучување на Езерото. Од тогаш па сè до денес трае оваа истражувачка приказна за Градот на ридот и Езерото под него. Во Охрид и околните населби има сè уште живи сведоци за времето на неговите долги престои во градот, за неговата посветена работа за езерото, за генерациите научници – негови ученици, за попладневните прошетки со веслање по езеро…
За сè што направи за Охрид и нашето Езеро, за охриѓани, вечно сме ти благодарни професоре Синиша Станковиќ.

Повеќе за животот на Синиша Станковиќ

Роден е на 26 март, 1892 година во Заечар, Србија. Природни науки студирал во Белград и во Гренобл, Франција, а за редовен професор на Универзитетот во Белград бил избран во 1934 година. За време на германската окупација на Југославија во Втората светска војна, проф. Станковиќ бил член на Главниот Народноослободителен одбор на Србија. Поголемиот дел од војната го поминува како затвореник во концентрациониот логор на Бањица. По ослободувањето, бил избран за претседател на Президиумот на Народното собрание на Србија и успешно ги застапувал интересите на Југославија на меѓународни конференции.