Во полн ек се градежните активности за поставување на првата фаза од проектот за електрика во охридската гимназија. Во оваа фаза се работи каблирањето, проект во вкупна вредност од околу 3.400.000,00 денари. По завршување на оваа фаза следи објава на нов тендер за комплетно довршување на електричната инсталација со сите потребни фази за што веќе е изработен проект и се обезбедени средства во буџетот на општина Охрид. Во текот на викендот буквално на првиот ден кога временските услови дозволија да има градежни активности се продолжи со работа на партерното уредување на дворот од Гимназијата.
Сите оние кои добро ме познаваат знаат дека јас на никого не се правдам ниту пак се трудам да наоѓам образложенија кои не држат. И сега, воопшто намерата не ми е да се правдам особено пред оние на кои устата им е полна со „грижа„ за гимназијата а повеќе од 30 години ја оставија да пропаѓа и едно нешто не направија да ги подобрат условите таму. Па така оставија стари и дотраени тоалети со лоша миризба, дотраена електрична инсталација која секој момент може да предизвика пожар, влага на сите страни, кров кој прокиснува, неуредено и нефункционално поткровје, замислете оставија гимназија без громобранска заштита. И се си беше така се додека со мојот тим не донесовме одлука и не ја ставивме гимназија во нашите врвни приоритети.
Чувствувам единствено должност кон граѓаните на Охрид да појаснам дел од работите со цел да нема можност за ефтина политичка кампања на едно многу значајно прашање за градот. Во периодот кој измина а тоа најдобро го знаат учениците и вработените таму дека нема ден без градежни зафати(без деновите кога не дозволувале временските услови) и решавање на сите наталожени со години проблеми. Прво изработен е комплетен проект за реконструкција на гимназиската зграда со сите фази (архитектура, статика, електрика, водовод, машинство) и се очекува деновиве да биде аплициран до Министерството за транспорт и врски со цел добивање на соодветно одобрение. Во рамки на овој проект предвидено е реконструкција на кровот, внатрешна санација на ѕидовите заедно со излолација, промена на столаријата и реконструкција на подовите.
Во интерес на јавноста морам да ги објаснам досегашните зафати и нивниот тек. Во гимназијата реализирани се следните активности: комплетна реконструкција на тоалетите, набавка и поставување на систем за громобранска заштита, уредени се нови кабинети и простории во поткровјето, набавени се нови клупи и столчиња завршено е со поставување на новата ограда околу објектот.
Во моментов се работи на партерното уредување и гледам тоа е некако „трн во око„ на оние кои на секој начин се обидуваат да ме искритикуваат. Веројатно најлесно ќе беше за сите нас кои сме вклучени во проектот на старата дотраена подлога во дворот да поставиме плочки да го уредиме и тоа за кратко време ќе изгледаше многу убаво. Но јас како Градоначалник така не работам. Одлучен сум да работен посветено и од темел да ги менувам работите. Затоа пристапивме кон градежни зафати народски речено „под земја„ со цел гимназијата да добие нова водоводна мрежа и приклучок, нова канализациона и атмосферска мрежа и на објектот на гимназијата и на спортската сала, дренажа се со цел влагата да биде изолирана и да не го нагризува објектот во темелите, завршено е поставувањето на новите кабли за елктрична енергија а во моментов се работи на нивелирање на теренот. Секој оној кој нешто сработил во животот добро знае дека работата под земја е суштинска но одзема многу непланирано време и не е атрактивна за никого.
По завршување на фазата нивелирање следува активност за поставување на бетонските постаменти за канделабрите, оформување на мултуфункционалното игралиште, поставување на патеката за трчање околу објектот на гимназијата, изградба на училниците на отворено, поплочување и уредување на просторот секако сето тоа во зависност од временските услови.
Сакам да истакнам и неколку суштински работи по однос на тендерските постапки за спроведување на овие активности.
Прво во гимназијата се работи на многу проекти секој со различна динамика и време на траење и затоа не може буквално да се каже дека со нешто се доцни или заостанува. Веројатно секогаш може да се работи побрзо и поефикасно, но не секогаш тоа зависи од нас лично. Проектите се изработени од овластени архитектноски фирми со лиценци и цените кои тие ги предвидуват се пазарни. Објавените тендери се без скриени елиминаторни услови така што на нив секој може да се пријави. Ниту јас како Градоначалник, ниту раководниот тим на училиштето има било каква улога во тие процеси. Надзорот на градежните работи го врши овластена фирма за надзор на објекти со А лиценца.
Единствено што знам е дека до крајот на мојот мандат училиштето во кое го стекнав моето средно образование ќе биде со комплетно нов лик, ново убаво уредено катче во општина Охрид, гордост за секого. Сигурен сум дека по политичките промени кои ќе се случат оваа пролет ќе дојде влада чиј што приоритет за Охрид ќе се поклопува со оваа наша визија за Гимназијата и ќе ни додели потребни средства за комплетна реализација на проектот кој сме го замислиле, но иисто така вредно е да се напомене, дека ние како локална самоуправа дел по дел сме спремни да го завршиме финански целиот проект самите.
Мојата совест е чиста, сите неосновани критики ќе ги издржам и ќе оставам времето за зборува за мојата работа!
На крајот само делата ќе останат да зборуваат за нечија работа како обележје на едно време!
пишува во својата објава градоначалникот Кирил Пецаков.