До нашата редакција пристигна отворено писмо од група жители од с. Љубаништа со следната содржина.
Почитувани,
Ние како жители од селото Љубаништа подолго време имаме информација дека ќе се пристапи кон санација и асфалтирање на патниот правец Славија – Граничен премин Свети Наум и ја поздравуваме таа одлука, бидејќи тој пат ни е од навистина големо значење. Но, за жал околу 2 месеци откако е започнато со работни изведби од најавеното нема ништо. Напротив веќе 2 месеци на потегот од с. Љубаништа до граничен премин од двете страни на патот посечени се стотици кубици огревно дрво без никакво обележување и контрола од надлежни служби. За да биде трагедијата поголема лично сме сведоци дека посечените дрва кои веќе 2 месеци безмилосно се сечат од страна на извесен подизведувач од с. Ботун без никакво обележување и контрола од службите, истите се транспортираат од страна на шумочуварот К.С. од с. Љубаништа вработен во НП ,,Галичица” кој веќе е процесуиран со кривични пријави за злоупотреба на должноста.
Шумочуварот дрвата ги транспортира селективно и тоа: Еден дел се продаваат по багателни цени, еден дел бесплатно на негови пријатели кои му вршат одредени услуги, еден дел се носат по неговите приватни имоти и штали во с. Трпејца, за останатото население неговиот одговор е дека не сме на неговиот список.
Јавно ги прашуваме сите надлежни служби:
До кога ќе бидеме дискриминирани од ова лице?
До кога ќе трае неговото самоволие? Под кои околности и за чии интереси работи овој службеник спротивно на законот и никој не го контролира и санкционира?
Како месно население бараме надлежните најитно да го испитаат овој скандал под кои околности и за чии интереси се опустошија стотици кубици државни дрва.