АктуелноОхрид

ЦЈЗ Охрид: И денешните мерења на водата за пиење покажуваат дека нема отстапувања од законски дозволените вредности

И денешните (25.01.2024 г.), првични физичко-хемиски анализи на примероци на вода за пиење од градската водоводна мрежа во Охрид, земени и анализирани по санирањето на дефектот и нормализирањето на водоснабдувањето, покажуваат дека нема отстапување од законски дозволените вредности на соодветните параметри, вклучително и параметарот матност. Во сите контролирани примероци на вода за пиење констатирано е и присуство на дезинфекционо средство (резидуален хлор) согласно законските прописи, информираат од Центарот за јавно здравје Охрид.

Мониторирањето на специфичните индикаторски параметри во водата за пиење со почеста динамика, од страна на Центарот за јавно здравје Охрид ќе продолжи и во текот на наредните 2 дена, се до конечните резултати од комплетната физичко-хемиска и микробиолошка анализа на претходно земените примероци на вода за пиење од градската водоводна мрежа во Охрид, кои се очекуваат во текот на утрешниот ден, потенцираат.

Воедно, им укажуваат на нашите сограѓани, доколку забележат заматеност на водата за пиење при течење од чешмите, да не ја користат истата за пиење, се додека, после течење од 5-10 минути, водата не се избистри.

Ако и после тој период на течење, водата од чешмата е сеуште матна, да не ја користат за пиење и да се обратат до ЈП Водовод Охрид или ЈЗУ Центар за јавно здравје Охрид, додаваат.