сабота, ноември 16, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

Собор на Пресвета Богородица во Пречиста Кичевска

Неизмерна е радоста на срцето кога станува збор за празник на Пресвета Богородица. Таа е толку блиска на сечие срце и со неискажлива сладост и сигурност го опсипува, особено она срце што ја почитува и сака. Мајката на Богочовекот и на новозаветниот народ Божји – Црквата Христова, со раширени прегратки и топлосрдечност му ја нуди на секого својата мајчинска љубов. Но не обична љубов, туку љубов толку голема, што Го смести Бога несместливиот во својата утроба, која со тоа стана поширока од Небесата. Таа е престолот небесен на кој Царот Христос седна, а преку Него и ние луѓето.

Благодарност се излева од нашите срца за тој неизмерен дар и за денешната Божествена архиерејска Литургија на која чиноначалствуваше нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, во Манастирот на Пресветата Мајка Богородица на градот Кичево наречен Пречиста, заедно со дел од отците на нашата Бигорска Обител, како и благоговејните јереи: протопрезвитер Александар Димоски од Охрид, о. Александар Крстаноски и о. Александар Матески од Кичево, кои со љубов дојдоа да земат удел во празникот на Богородица. А пак, небесните химни и распеаните славословија беа произнесени од усните на младите и боговозљубени псалти на Мајката Пречиста, хорот „Митрополит Козма Пречистански“.

Нашиот Старец Епископ г. Партениј со боговдахновено празнично слово, како со венец од цветови, исплети пофалби кон Царицата Мајка.

На крајот од Светата Литургија, од страна на Светиот Антаниски на богољубивата г-ѓа Калина Јакимовска ѝ беше доделен еден медаљон, брош со ликот на Пресвета Богородица, во знак на благодарност за нејзините несебични трудови и пожртвуваност за Црквата, помагајќи го нејзиното свето дело. А на најмладите, дојдени со своите родители, владиката им подели божикни пакетчиња за радост.