Наш ИзборНаш изборОхрид

(ФОТО) Совршенство и магија на новогодишниот концерт на „Охридско лето“

Со изведба на дела на Штраус, Брамс и Калман Оркестарот под покровителство на „Охридско лето“ синоќа во салата „Билјана“ во хотелот „Метропол“ во Охрид одржа незаборавен новогодишен концерт.

 

Во претпразнична атмосфера, во салата исполнета со емоции и радост, бројните љубители на уметноста уживаа во прекрасниот настан на мешовитиот камерен состав диригиран од Бисера Чадловска.

Маестралната изведба на одбраните класични композиции публиката ја награди со долги аплаузи а со ракоплескање го проследи и ритамот на маршот „Радецки“ од Јохан Штраус.

 

Од „Охридско лето“ велат дека интересот за вака убав концерт е голем и најавија дека традиционално ќе се организира како можност за уживање на љубителите на врвната уметност но и како збогатена културна понуда на градот во текот на целата година.

 

„Веќе трета година организираме новогодишен концерт на радост на публиката а од друга страна ја прошируваме програмата и надвор од традиционалната рамка, 12 јули-20 август. Реализирањето настани преку цела година, едно вакво континуирано делување со програмски содржини, се покажа како потреба. Со тоа успеваме да ја збогатиме културната понуда на градот, но исто така ги реализираме зацртаните цели, Фестивалот да ја прошири фестивалската програма и во текот на целата година“, вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

 

Според Поповиќ воведувањето новини го прави Фестивалот поатрактивен и попривлечен за уметниците.

„Како тим, посветено и професионално, работиме во реализацијата на програмските содржини кои ја потврдуваат големината на Фестивалот притоа воведувајќи новини за тој да биде поатрактивен и попривлечен за врвните уметници. Во годината која изминува со гордост можам да кажам дека запишавме 40 незаборавни фестивалски денови. 63-то издание на „Охридско лето“ донесе славни имиња кои ќе останат високо на врвот во фестивалската историја, најгламурозната оперска дива, Анџела Георгиу, која приреди незаборавен концерт на свеченото отворање но и славниот американскиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович,  кој  првпат настапи во Македонија. Ваквата ексклузивност само ја потврдува големината на „Охридско лето“, фестивал по кој нè препознаваат и вреднуваат насекаде во светот“, кажа Поповиќ.

 

Најавувајќи дека Фестивалот и во годините што следат ќе чекори на патот кој го потврдува високото петто место во Европската асоцијација на фестивали, Поповиќ рече дека  бројните награди и признанија но и самото членство во оваа елитна асоцијација е доказ дека „Охридско лето“ е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација.

 

Директорката на „Охридско лето“ изрази благодарност до Претседателот на државата кој е покровител на манифестацијата, Владата на Република Северна Македонија која преку ресорното Министерство за култура вложува во развојот и унапредувањето на културата во државата, до Општина Охрид  како и до генералниот спонзор Македонски Телеком, останатите спонзори, помагатели и љубители на уметноста и културните вредности.

 

 

НУ Охридско лето