АктуелноВидеаВидеоОхрид

(ВИДЕО) Најмладите за Свети Климент Охридски – Патронот на Охрид

Христијанството го има големиот свети апостол Павле како камбана на верата, а ние ги имаме и него и свети Климента.

Таква била Божјата промисла, Македонија, од каде што почна апостол Павле во Европа, ги даде светите браќа Кирил и Методиј, и преку делото свети Климент и свети Наум Охридски, постана расадник на словенската црковно-просветна и книжевна дејност.

Таков – свет е нашиот почеток.

Со свети апостол Павле започнаа нашето охристовување и христијанизацијата, а со свети Климента – нашата евангелизација, оцрковување, просвета, книжевност, уметност, култура и сè.

Ниедна личност не е толку сврзана со овој народ како што е свети Климент Охридски. Затоа го нарекуваме наш најголем светител, просветител и учител. Неговиот успех е плод на ученоста и побожноста.

Тој бил „учител“, како што бил учител Господ Исус Христос, а тоа значи дека го учел народот во верата, го просветувал, бил проповедник, мисионер, пастир и првосвештеник.

Односот на Господа Исуса Христа кон апостолите, за свети Климента бил личен пример за неговото однесување кон учениците. Тој другарувал со нив. Постојано биле заедно. Живеел со нив.

Со кротост и со татковска љубов се однесувал кон нив, а тие, пак, му возвраќале со полно послушание и со синовска одаданост, како што се вели во житието: „Го слушаа како татко.

Свети Климент љубел со срце, не – со уста.

Неговото деноноќно присуство меѓу учениците и неговото духовно влијание врз нив многу значело во нивната возраст, додека тие се формирале како личности и како Христови пастири.

Ја гледале големата трудољубивост, неуморната молитвеност и строгиот подвижнички живот на својот учител. И затоа запишале: „Ние никогаш не го видовме да е без работа.

“Неговата успешност е и во тоа што тој бил од овој народ и ги познавал сите што ги учел.

Ако тој бил некој дојденец: Елин или Латин, некој Сириец или Александриец, не ќе можел така да им се доближи на учениците, а ниту тие ќе можеле да го сметаат за толку близок.

Светиклиментовата дејност била просветна, пастирска, духовна и душегрижничка. Наречен е просветител, со полното значење на зборот просвета (prosvyÃenie = prosvetenie).

Тој бил пример: и со животот и со делата, и со добродетелите и со дарбите, и со знаењето и со учењето, и со службата и со подвизите, и со учителството и со творештвото – и со целокупната своја личност, која ја имал изградено според критериумите на Евангелието.

Во продолжение неколку извадоци од „Свети Климент Охридски – Собрани дела: Слова, поуки, житија“

Браќа, да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото и крвта Божји (Причеста), без да имаме непријателство со никого; да не се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно, во кое дојде да нѐ повика Христос, нашиот вистински Бог, Синот Божји, Кој е двоен по природа, еднакво славен во (Света) Троица.

***

Браќа, да се отрезниме и да не се именуваме христијани само по име, туку да се потрудиме со добри дела и со кроткост и пост да стекнеме смирение и љубов кон сите, зашто тие ги очистуваат душата и телото и нѐ прават рамни на ангелите, и нѐ водат на небото. И милостина давајте непрестајно, зашто таа ги мие сите прегрешенија од нас, и ги отвора небесните врати.

***

Браќа, да се потрудиме да направиме богоугодни дела, зашто преку тие дела ќе се наречеме синови Божји и, откако овој живот ќе го проживееме добро, да се удостоиме и за идните блага, славејќи ја Троица во Единица, едно Господство, една светлина во три Лица; едната природа не ја делиме на три бога, трите Почетоци ги собираме во едно Божество – во Отецот и во Синот и во Светиот Дух.

***

Браќа, да не бидеме мрзливи, и ние, кога имаме таков милостив Господ, туку да отфрлиме од себе секаква злоба, завист, клевета, срамни дела и недолични постапки, и со чиста совест да дојдеме во Божјата Црква и, со страв стоејќи во неа, да бараме прошка на гревовите и вечен живот, за да бидеме достојни да пристапиме кон пречистите тајни на телото и крвта Христови. Зашто тоа дело Божјо (светата Причест) нѐ прави достојн заедничари на Царството небесно.

***

Браќа, секогаш кога се собираме во црква, потребно е со љубов да Му оддаваме почит, поклонување и пофалби на Единствениот Бог, Кој со три својства, односно Ипостаси, што може да се разбере и како Лица, бидејќи во тие три Лица Божеството е неразделно, со една власт и сила устројува сѐ. Трите Лица имаат една и иста власт, едно царство, едно Господство, една сила и една чест, и едно поклонение оддавано непрестајно од сето создание.

видео:Тивериопол.мк