четврток, ноември 14, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

(ВИДЕО) Ученици во Охрид следат настава без телефони поради злоупотреби

Ако наставник му одземе мобилен телефон на ученик за време на настава, ученикот цела учебна година ќе остане без уредот. На тоа се согласни и родителите. Причината за забраната на употреба на телефоните во училиштата следи по злоупотреби од ученици – наставници биле снимани и објавувани на интернет.

Со звукот на училишното ѕвоно, кој го означува почетокот на првиот училиштен час, запира и звукот кој доаѓа од мобилните телефони. Дел од основните училишта во Охрид ја забранија употребата на мобилни од страна на учениците, за време на нивниот престој во училиштата. Има повеќе причини за тоа.

„Причината ја лоцираме во честата злоупотреба на телефоните, во намалената концентрација на децата за време на часовите, намалената емпатија, намаленото дружење меѓусебно, читање книги. И затоа донесовме одлука за дополнување на куќниот ред и етичкиот кодекс, со забрана за користење на мобилните телефони во училишните простории“, изјави за Гласот на Америка на македонски, директорката на ОУ Григор Прличев – Охрид, Лилјана Ефтимовска.

Во некои училишта санкциите се поригорузни и тие предвидуваат одземање на телефонот од ученикот до крајот на учебната година. Таков е примерот во основното училиште Христо Узунов – Охрид.

„Претходно телефоните кога беа одземени од страна на наставниците им се враќаа на учениците само доколку дојдеше и го подигнеше родителот. Сега новитетот е доколку на час му се одземе од страна на наставник, му се враќа на 17-ти јуни по завршувањето на учебната година. За тоа секој родител на први септември потпиша изјава дека се сложува со таа постапка“, вели диреткроката на училиштето Марина Ѓоргоска.

Сè повеќе училишта низ државата применуваат вакви мерки.

VOA