UncategorizedАктуелноОхрид

(ВИДЕО) Крстаноска Паскуале прифати непознати лица да гостуваат во нејзиниот дом, подоцна разбра дека тие се дел од играта Challenge (Предизвик)

Ви се случило ли некогаш да ве застанат на улица странци и даве замолат да преспијат кај вас дома? А доколку имате вакво искуство, дали барем за момент помисливте потполно непознати лица да примите во вашиот дом?

Доколку вие немате вакво искуство Професорката Ангела Крстаноска Паскуале за Охрид 1 раскажува случка која ни го стопли срцето.

Имено, минатата недела додека во автомобилот ја чекала својата ќерка, а надвор истурало дожд, до прозорот и пристапила жена која во рацете држела напис, „Ве молам дали може да преспијаме во вашиот дом?“. На ваква случка многумина би изреагирале дрско, би затвориле прозор и отсечно би кажале НЕ, но така не постапила и професорката.

„Прво прашав зошто, кои се и зошто бараат да преспијат кај непознати. Немаат ли пари за хотел или приватно сместување, раскажува Професорката Ангела Крстаноска Паскуале.

Кратко и објаснале дека се од Франција и дека се дел од игра Challenge (Предизвик). Ова ја заинтересирало професорката и ги прифатила непознатите жени. Уште во автомобилот почнале да и објаснуваат дека едната од нив за својот 50 ти роденден имала желба да биде дел од оваа игра, па така и се пријавиле. И раскажале дека треба без пари да поминат неколку земји, да се снајдат за сместување и за храна, а при тоа да вкусат од специјалитетите на земјата во која престојуваат.

Пред Охрид биле во неколку градови во Бугарија, по што стигнале во Македонија. Еден ден биле во Битола од каде не биле баш добредојдени и покрај објаснувањето кои се и што бараат. Едвај после многу молење, добар Битолчанец им дал клучеви да преспијат во стан и толку, а за храна како што раскажале изеле само две јапонски јаболка кои ги нашле на пазарот. За разлика од Битола, во Охрид, благодарение на Професорката Ангела Крстаноска Паскуале беа добредојдени.

„Најпрво ги однесов до црквата Св. Јован – Канео, затоа што требаше да се фотографиираат пред самата црква. Потоа ги зедов во мојот дом. Ги прочитавме предизвиците кои требаше да ги направат во Охрид и секако заедно одлучивме сите да ги направиме и да се фотоготафираме. Во Охрид покрај фотографија пред црквата Св Јован, требаше да јадат гравче тавче, да вкусат ајвар, да се напијат македонско вино, да засвират на кавал, но и да запеат песна од Есма Реџепова.  И сето тоа го направивме. Тоа беа прекрасни личности. Тие уживаа во нашата гостопримливост, а ние во нивното друштво“, раскажува  Крстаноска Паскуале.

По Охрид според предизвикот требало да го посетат Тетово и Маврово, но за жал поради лошото време, немањето превоз, но и недоволно време, одлучија дека од Охрид, продолжуваат на следната дестинација Албанија.

„Следниот ден ги однесов до Ќафасан и од тука продолжија сами“, раскажува професорката.

На нашето прашање дали размислуваше пред да прими непознати лица во својот дом и дали за момент помисли дека не треба професорката вели:

„Верувајте ако не ги земев немаше да спијам цела ноќ и сигурна сум дека ноќта ќе ги барав. Едноставно срцето не ми дава да оставам луѓе на улица“, вели  Крстаноска Паскуале и додава:

„Не, не размислував многу, едноставно интуицијата ми говореше дека се добри луѓе и дека треба да ги земам“.

Како поминаа во Албанија дали беа прифатени или не, не знаеме, но последна информација која ја имаме е дека сега веќе се дома во Франција. А како ја поминаа играта, дали победија или не исто така не знаеме, се надеваме дека беа успешни и дека ќе ја освојат првата награда, не само за да бидат први, туку и поради фактот што доколку ја освојат оваа финансиска награта пари ќе ги донирале во хуманитарни цели.

извор Охрид 1