АктуелноОхрид

Охридското „Супер радио“ одбележува 31 година постоење

Полни 31. година, охридското Супер радио, еден од најстарите приватни електронски медиуми во Република Македонија е со сериозна музичка мисија пред себе, затоа што работи во градот каде секогаш се слушала и пуштала најдобрата музика.

Својата приказна ја започна во ноември 1992 година, веднаш по осамостојувањето на Република Македонија, а денес го прославува 31. роденден.

– Повеќе од три децении ја пополнуваме тишината во преубавиот Охрид. Се будиме, се радуваме и плачеме, заедно, ги прославуваме сите успеси и ги регистрираме неуспесите, добрите ги поддржуваме, лошите ги менуваме… Заедно ги живееме нашите мигови во милениумскиот пат на местото кое е повеќе од град и многу повеќе од она што може да се помисли на прв поглед. Успеавме да изградиме свој сопствен и препознатлив стил и став кон случувањата и животот во Охрид. Безбројни акции за помош на сограѓани, Гинис, „изборот“ на градоначалник од рипката Желба, поддршка на спортски и културни манифестации… Во исто време забавувавме и информиравме, секогаш Брзо, Точно и Проверено… Работевме се’ и добивме се’. Веќе 30 години Охрид е СУПЕР и СУПЕР е Охрид. Сакаме да испратиме ОГРОМНА благодарност до целиот град, до сите наши слушатели, поддржувачи, деловни партнери и пријатели, до сите кои годиниве наназад веруваа во нас и ни овозможија да ја одржиме приказната во живот, порачуваат од Супер радио.

Медиумот има активна програма со комплетна информативна забавна спортска и културно образовна програма. Супер радио веќе подолго време е препознатливо во регионот и во маркетиншкиот и продукцискиот дел.

Според сите анкети на АВМУ, Супер радио е убедливо најдобрата, најслушана и највлијателната локална радио станица во овој регион на Република Македонија. Потврда за успешната работа на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба во 2017 година за досегашната успешна работа и придонес за градот.