Наш ИзборНаш изборОхрид

Охридската пастрмка иако забранета за лов, ја има на менијата во рестораните

Иако веќе одамна е загрозен вид и пред исчезнување, Охридската пастрмка, карактеристична по вкус и црвените точки по телото, редовно се нуди на менијата во рестораните. Туристите сакаат да ја пробаат и покрај тоа што задоволството ќе ги чини од 30 до 60 евра по килограм. Нејзиниот улов повеќе од четири години е забранет, затоа што со езерото никој не стопанисува. Сопствениците на ресторани велат дека нудат Охридска пастрмка, но од рибници, а не од езеро.

„Имаме Охридска пастрмка, само од рибниците, тоа е истата Охридска, но не е од езерото. Од езерово е строго забрането. Тоа се одразува и редно е веќе да има концесионер езерото. Сите гости прашуваат што е работата, зошто нема. Веднаш сите бараат Охридска пастрмка. Прочуена е и секој сака да ја проба“, вели Маријан Лаброски, сопственик на ресторан.

Радован Димитриевски од спортско-риболовниот клуб „Рибарска вистина“, вели дека најголем дел од рибата нелегално се шверцува од Албанија во Македонија

„Таму нема квота. Ловат колку сакаат. Во многу ресторани гледате дека ја има на црно, бидејќи нема од каде да се набави, значи таа не е легална. Мислам дека неделно околу еден и пол тон пастрмка завршува на македонскиот пазар, дали во Охрид дали во Скопје. Пастрмката достигна цена до 30 евра на црниот пазар, а белвицата 10 евра. Треба министерството за земјоделие и државниот инспекторат за рибарство да поминат и да побараат потекло на таа риба. Тоа мора да се искорени ако сакаме да ја заштитиме, бидејќи таа е пред исчезнување“, изјави спортскиот риболовец, Радован Димитриевски.

Димитриевски вели дека нема интерес да се стави крај на злоупотребата заради добивката што оди во приватни џебови.

„На таа рибарска мафија ѝ одговара. Не ѝ одговара да има концесија. Секој си лови колку сака, си шверцува, си продава на црно. Мислам дека се вртат околу 2-3 милиони евра. Толку се во игра со недозволениот риболов. Значи на некого му одговара. Од прилика толку е прометот годишно“, рече Димитриевски.

 

VOA