ВидеаВидеоМагазинМакедонијаНаш изборНаш ИзборОхрид

(ВИДЕО) Света Богородица Заумска – Исконски симбол на верата, а според легендата „За ум“

Крај самиот брег на Охридското езеро, се издига еден од најзначајните религиозни и културни симболи во овој крај – црквата “Богородица Заумска”. Со својата вековна историја и исклучителна архитектура, оваа црква го носи духот на верата и наследството на минатите времиња.

 

Изградена во раносредновековниот период, црквата “Богородица Заумска” е прекрасен пример за архитектурната елеганција и уметничка вредност на тоа време. Со својата структура, рачно изработените детали и фрески кои ја  украсуваат внатрешноста, црквата привлекува посетители и верници од сите краишта на светот.

Она што посебно ја издвојува од другите свети места е приодот по воден пат, преку езерото до оваа црква.

Ова светилиште игра значајна улога во оживувањето на историското и културно наследство на регионот. Секоја година, бројни  верници се собираат околу црквата во различни религиозни, културни и туристички настани.

Погледнете го  делот посвете на „Света Богородица Захумска“ во туристичката репортажа за ТРПЕЈЦА на нашиот травел портал Patuvanja.mk

Светото место се чува и одржува од страна на доброволци и спонзори кои се обврзани да го запазат интегритетот на ова наследство. Напорите за реставрација и одржување на црквата се постојано во тек, со цел да се овозможи идните генерации да го искусат величеството и значењето на оваа иконична градба. Па така последниве неколку години се познава се поголемиот напор за нејзино обновување и уредување на целокупниот простор околу црквата.

Црквата “Богородица Заумска” преминала низ многу промени и предизвици во текот на вековите, но неуморно  продолжува да биде место на врска со духовните корени и средиште на културна размена. Нејзината улога како симбол на вековна вера и култура е неизмерлива, и нејзината приказна ќе продолжи да живее со истата сила во идните времиња.

За настанокот и изградбата на манастирот, како и за името на манастирот Заум, кај народот постои широко распространета легенда која е како предание, кое според Марко Цепенков го знаеле сите охриѓани.

Според легендата, многу луѓе се обидувале да ja измерат длабочината на Охридското Езеро, но никој не успевал да стигне до дното.

Некоја жена, која била царица, три години предела конец и заминала со чамец на сред езерото за да ја измери неговата длабочина. Но, наеднаш мирното и тивко езеро како да сакало да ја одврати во намерата, та се разбеснило и разбранило со бранови високи како планини кои се заканувале да го превртат и потопат чамецот на царицата и нејзината придружба.

Царицата се уплашила и паднала на коленици да се моли на Бога да ја избави од разулавеното езеро, ветувајќи дека ќе изгради манастир на местото на кое што ќе ја избави од езерото.

Штом го дала тоа ветување, брановите започнале да се намалуваат и езерото да се смирува, со што жената довеслала до брегот, каде рекла: „Е уште еднаш ЗА УМ нека ми биде ова, што ми требаше да го мерам езерото“ и дала заповед на тоа место да се направи еден манастир кој го нарекла Заум, поради големиот страв што го преживеала така да го гледа и да памети оти ќе се удавела.

Преданието вели, дека манастирот стои на брегот под стрмните карпи кај најдлабокиот дел од езерото „за ум“ на секој човек што ќе оди таму да се чува и да не влегува во него.