недела, ноември 24, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

Започнува 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Седумдесеттина македонсти и слависти од НР Кина, САД, Република Кореја, Италија, Франција, Грција, Турција, Полска, Словачка, Унгарија, Украина, Романија, Руската Федерација, Словенија, Хрватска, Србија, Албанија и Чешката Република ќе учествуваат на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје  (МСМЈЛК при УКИМ) што од 18 до крајот на август ќе се одржува во Охрид.

За семинаристите, меѓу кои универзитетски професори, значајни истражувачи од славистичкиот свет – лингвисти, книжевници и културолози и книжевни преведувачи, но и голем број млади кадри, подготвена е програма што покрај лекторската настава и предавања, вклучува и низа настани кои имаат за цел на странските македонисти да им овозможат и нови видици за македонскиот јазик, литература и култура.

Отворањето на Школата е предвидено за 18 август, на која покрај церемонијалниот дел ќе биде промовиран Зборникот од предавања од претходната летна школа на МСМЈЛК при УКИМ, а промотор ќе биде проф. д-р Гордана Алексова, долгогодишна лекторка на школите на Семинарот.

Наредните денови предавањата ќе бидат во чест на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов, потоа предавање за современите преводи на Светото писмо на македонски јазик, за категоријата определеност во македонскиот јазик и нејзините показатели, потоа за  фигурата на змејот во македонската народна поезија, предавање посветено на јубилејот 120 години од Илинденското востание со феноменот Илинден во македонската драма и театар…

Странските македонисти ќе имаат можност и подетално да се запознаат со достапните дигитални ресурси за македонскиот јазик, со темата „(Макро) синтаксичките карактеристики на говорениот македонски јазик во медиумите“.

Со неколку тематски предавања ќе биде обележан и јубилејот 120 години од објавувањето на капиталното дело на Крсте Мисирков, „За македонцките работи“, а посебно предавање ќе биде издовено и за митот на Антигона во современата македонска драма.

Предавањата од програмата целат преку нив пред странските македонисти да се актуелизираат важни прашања за македонскиот јазик, литература и култура, но истовремено и да поттикнат контекстуални и компаративни истражувања.

Покрај предавањата, семинаристите на Школата ќе следат и лекторска настава преку веќе оганизирани лекторски групи за сите нивоа на познавање на македонскиот јазик – почетно, средно и напредно, и тоа напредно со две поднивоа, за јазик, и за литература. Наставата за групите ќе ја изведуваат лектори коишто ќе го вложат сопствениот максимум во пренесувањето знаења на странските слависти и македонисти.

Програмата на годинешната Летна школа по македонски јазик предвидува и неколку промоции на книги меѓу кои „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“ од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, потоа „Славе Ѓорѓо Димовски во книжевната критика (македонска и светска)“ од Димитар Пандев, како и „Djetelice bjelice“ / „Детелинки белинки“ – книга со современи сказни од современи македонски автори, со превод и на хрватски јазик подготвени од студенти по македонистика на Универзитетот во Риека, „Шопов на 11 јазици“ – зборник на преводи на семинаристите на Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ.

Семинаристите на 56. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ ќе бидат специјални гости и на свеченото отворање 35. издание на традиционалната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ (ПНВ), а дел од програмските активности во рамките на манифестацијата ќе се одржат и во рамките на Школата. Соработката меѓу МСМЈЛК при УКИМ и ПНВ датира од пред неколку години и семинаристите редовно се дел од оваа значајна културна манифестација.

На Школата ќе биде организирана и јазична работилница, којашто ќе ја води проф. д-р Симон Саздов. За семинаристите коишто потемелито се интересираат за македонскиот фолклор, на Школата, традиционално ќе се одржи и курс по македонски ора, којшто ќе го води Благоја Јованоски.

Според програмата, Школата ќе биде затворена со завршна средба на 31  август, а за потоа се најавува и јубилејната 50. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, којашто ќе е одржи од 1 до 3 септември 2023 во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид.

 

 

nezavisen.mk