четврток, ноември 28, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

Литургиски восходења на Крчин

Во висините, на оние места каде што земјата се соединува со небото и првите зраци на сонцето ти го благословуваат претстојниот ден, каде сосредоточено и мирно чекориш за да го чуеш говорот на тишината и во длабока аскеза полека кон целта се издигнуваш, таму целото твое битие се буди за благословен молитвен подвиг за да учествува во Тајната над сите тајни, во Божествената евхаристија, која што оваа година по осми пат се случи на мистичниот врв Голем Крчин (2341 мнв).

 

Со благослов на нашиот највозљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, како и со дозвола на раководството на Националниот Парк Маврово, овој прекрасен врв повторно нѐ собра заедно, за одново да ни ја испрати благодатта на таворскиот подвиг. Посебна чест за сите нас беше присуството на протопрезвитерот Бобан Митевски, кој му сослужуваше на архимандритот Кирил од Бигорската Обител. Почитуваниот ереј со нескриено воодушевување ги сподели со сите нас своите возвишени чувства од заедничкиот подвиг, во своето просветлено слово за благолепието и за благодатното доживување на евхаристиското собрание на овој наш Тавор, за кое пожртвувано се потрудија бигорските монаси и монахињите од манастирот во Рајчица, како и планинарските водичи при Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина (МАИВП) и од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ), чија што професионалност и поддршка секогаш се голема поткрепа во организирањето на овие аскетски восходења.

Нека нашиот Господ Исус Христос ја испрати Својата несоздадена светлина на оние коишто постојано копнеат по Него и безрезервно Го љубат.