Наплив на славословие, благодарност и ликување ги обзема душите на Православните во Река, но и пошироко, затоа што станавме сведоци на исклучителните благослови Божји што вчера и денес се излеаја во славното мијачко село, чиешто име значи токму тоа – радост на душата! А и како да не биде радост на богољубивите души, кога тоа село со векови било сместувалиште на велелепни храмови на Онаа Која со самата своја појава го израдува светот и со своето раѓање му донесе спасение на човештвото?
Пресвета Богородица. Сè што е поврзано со тоа пресвето име носи само радост, утеха, милостивост, сладост, спокој и блаженство. Кога само спомнувањето на Нејзиното име внесува во нас такво умиление, колку ли повеќе, пак, Самата Таа, Царицата на Ангелите, ги радува верните кога се стројат храмови во нејзина чест и слава! И ете, на токму такво величествено и свештено дело станавме сведоци и ние, со изградбата и осветувањето на нејзиниот свет и сечесен храм во с. Ростуше, кој заблеска како бесценет дијамант среде Река, красејќи го с. Ростуше и Радичката клисура со неовоземна убавина. Овој Храм на Мајката Божја веќе стана сведок на рајските убавини, дотолку повеќе што беше граден со синовска посветеност и љубов од нашиот сакан Старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кој со помош на благочестивите Христијани од с. Ростуше и на бројните богољубиви дарители, камен по камен, фреска по фреска, икона по икона, го обмислуваше и строеше овој Богородичен бисер во Мијачијата. И како родител што се радува на раѓањето на својата рожба, така и Старецот со длабока трогнатост во душата, гледајќи како делото на рацете свои блеснува во полн сјај, на Вечерната богослужба го излеа своето срце пред присутните верни, преку својата вдахновена беседа.
Прекрасниот амбиент од богослужбеното ликување, вечерта беше збогатен и со своевидно музичко доживување на присутните кои беа поведени по носталгичните стапки на нашето народно наследство, низ слаткопојните гласови на Јована Богданоска, Дарио Стојановски и Кристијан Митревски.
Славењето продолжи и следниот ден, со пристигањето на нашите сакани архиереи, митрополитот Дебарско- кичевски, г. Тимотеј и Митрополитот Тетовско-гостиварски, г. Јосиф. Тоа го означи и почетокот на чинот на осветувањето, што го изврши Митрополитот г. Тимотеј, во сослужение со Митрополитот г. Јосиф, нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, архимандрити и јеромонаси од Обителта, како и архиерејскиот намесник од Дебар о. Миле Ангелковски, јерејот Горан Ставревски од Охрид и протоѓаконот Никола Ѓурчиновски. Во присуство на големото мноштво верни, пристигнати од секаде, среде кои беа и почесните гости: министерот за надворешни работи г. Оливер Спасов, градоначалникот на општина Маврово Ростуше г. Медат Куртовски, директорот на НП Маврово г. Самир Ајдини, пратеничката во Собранието и воедно претседател на ЛДП г-ца Моника Зајкова и др., свечената поворка три пати го заобиколи храмот, издигнувајќи ги кон небото своите скромни молитви, за Бог и Неговата преблага Мајка да погледнат милостиво на овој свет храм и да ги благослови сите оние што со вера ќе влегуваат во него.
Молитвословието продолжи со празнична архиерејска Литургија, за која храмот-славеник беше премал за да ги собере сите придојдени во своите пазуви. Молитвата течеше слободно и надвор во пространиот, но преполн храмов двор. А по завршувањето на благодатното литургиско таинство, на кое мнозина верни се насладија со бесмртната храна на Светите Дарови – животворната крв и тело на нашиот Господ Исус Христос, Митрополитот г. Тимотеј го круниса тоа таинство со просветлено слово за живите храмови Божји.
Радоста која веќе два дена непрестајно ги галеше нашите срца, продолжи и со прекрасниот настап на двата познати музички состави за традиционални песни „Ансамбл Македонија“ и „Чалгија Мерак“. Секако, организациониот одбор за изградбата на храмот, возглавен од нашиот Старец, не пропушти во оваа прилика да им ја изрази својата скромна благодарност кон оние што со своите штедри приноси и даренија помогнаа храмот да блесне во својот сегашен лик и да го украси селото со својата раскошна архитектура, така што им додели пригодни благодарници.
Само што беше осветен, храмот веднаш ја започна својата духовна мисија меѓу локалните Христијани. Така, малата Атанасија од Ростуше ја имаше честа прва да биде крстена од рацете на дедо Партениј, во новоосветеното светилиште на Богомајката, земајќи го за свое име токму името на месноста во која се наоѓа храмот.
Нека овој прекрасен бисер на Царицата Мајка ги сплоти сите Ростушани и сите Христијани од овие краишта, нека стане стожер околу кој духовно ќе расте Мијачијата, нека насекаде ја сведочи нашата древна православна вера и нашите христијански корени.
Амин!
Бигорски Манастир