Наш ИзборНаш изборОхрид

Факти наместо шпекулации: Објектот на улицата „Димитар Влахов“ немал заштитен статус

Во изминатите денови на социјалните мрежи, а особено преку Фејсбук страницата „Охрид СОС“, беа пласирани бројни објави поврзани со уривањето на објект на улицата „Димитар Влахов“ во Охрид, при што во јавноста се создаде впечаток дека станува збор за објект под заштита и за незаконско постапување.

Според информациите до кои дојдовме, ваквите тврдења не одговараат на фактичката состојба.

Иако куќата била изградена во 1927 година, таа никогаш не била ставена под заштита од надлежната установа и немала статус на споменик на културата. Според достапните информации, за нејзиното отстранување биле обезбедени сите потребни дозволи, согласности и одобренија од надлежните институции, согласно важечките законски прописи.

Објектот бил во приватна сопственост на повеќе лица, а во него живеело едно семејство. Според познавачите на состојбата, куќата со години била во лоша конструктивна состојба, дополнително оштетена од староста на објектот, но и од серијата земјотреси што го погодија охридскиот регион во текот на 2017 година.

Оттука, тврдењата дека се урива заштитено културно наследство не се поткрепени со официјални документи и факти.

Во јавноста се отвори и прашањето за кредибилитетот на изворите кои ги пласираат овие информации. Имено, „Охрид СОС“ не е регистрирана невладина организација, туку Фејсбук страница преку која се објавуваат ставови и информации без јасно наведен автор. Зад објавите не стојат јавно познати лица со име и презиме кои би презеле одговорност за точноста на изнесените информации.

Во време кога дезинформациите брзо се шират преку социјалните мрежи, од особена важност е јавноста да прави разлика помеѓу официјално потврдени информации и објави кои не се поткрепени со документи, факти или институционални извори.

Случајот со објектот на улицата „Димитар Влахов“ уште еднаш ја отвора потребата од одговорно информирање и проверка на фактите пред во јавноста да се пласираат обвинувања кои можат да доведат до погрешна перцепција и непотребно вознемирување на граѓаните.