Наш ИзборНаш изборОхрид

Целовечерен концерт на македонскиот пијанист Дино Имери на „Охридско лето“

Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти денеска ќе одржи целовечерен концерт на „Охридско лето“  во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот. На програмата се дела од Фредерик Шопен и Сергеј Рахмањинов.

 

Со огромен успех, Имери настапува на престижните сцени низ светот, како гостин на врвни оркестри, како уметник – изведувач на  рецитали и како камерен музичар. За него француската критика ќе напише: „Дино Имери – магионичар на пијаното..“ (Magazine, OPS), а неговите уметнички креации не ја оставаат рамнодушна публиката на неговите концерти.

 

Настапувал со Стразбуршкиот филхармониски оркестар, Софиската филхармонија, Филхармонијата на Р. Северна Македонија, Симфонискиот и Камерен оркестар на ФМУ-Скопје, Оркестарот на НОБ.

 

Добитник е на бројни награди и признанија: „Виртуози“ за млад музички уметник, „Мајка Тереза“ за хуманост, Лауреат е на Фондацијата „Томислав Зографски“, Златна Бубамара на популарноста, рангиран е  во десетте најдобри млади европски пијанисти според 3eme Concours européen de piano – Normandie и др. Имери се потпишува на повеќе изданија за престижни дискографски куќи, бележи успеси и како композитор, пишувајќи музика за филм, театар, инструментална и вокална музика. Со музичко образование се стекнува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ (класа на проф. Људмила Романова), дипломира со високи почести на ФМУ-Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистрира со високи почести и просек 10,00 на ФМУ- Скопје (класа на проф. Симон Трпчески). Од 2018 гoдина Дино Имери предава на Факултетот за музичка уметност во Скопје при УКИМ.