Актуелноглавни-вестиМагазинНаш ИзборНаш изборОхрид

Историска вечер во Охрид – градот првпат прослави еворпска спортска титула

Охрид испиша спортска историја: Илјадници граѓани ги пречекаа европските шампиони на градскиот плоштад Охрид синоќа беше сведок на еден од најемотивните и највеличествените спортски настани во својата понова историја.

Илјадници граѓани се собраа на градскиот плоштад за да ги поздрават ракометарите на Градскиот ракометен клуб Охрид, кои со освоената европска титула му донесоа на градот успех што ќе остане запишан со златни букви во охридската спортска хроника. Вакво масовно славење на спортски успех не се памети во Охрид со децении.

Генерации охриѓани преку телевизиските екрани ги следеа спектакуларните дочеци на шампиони во Белград, Загреб, Скопје и други европски метрополи, но никогаш досега Охрид не бил домаќин на ваков настан организиран во чест на свои спортисти кои се искачиле на европскиот врв. Според многумина, единствен спортски момент кој може да се спореди со оваа еуфорија е дочекот што Охрид и го приреди на легендарната охридска пливачка Атина Бојаџи по нејзиниот историски подвиг на Ла Манш.

Особено симболично е што пред само неколку години, кога градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, и директорот на Градскиот ракометен клуб, Славчо Ристески, со еден сосем анов приод влегоа во проектот за развој на ракометот во градот, малкумина веруваа дека клубот еден ден ќе стане европски шампион.

Она што тогаш изгледаше како амбициозна спортска визија, денес е реалност која донесе огромна радост и гордост кај охриѓани. Синоќешната прослава покажа и нешто друго – дека Охрид има публика која е гладна за спортски успеси и која знае како да ги вреднува и прослави своите шампиони.

Атмосферата на плоштадот, исполнета со аплаузи, песни, знамиња и емоции, потврди дека градот е подготвен да биде домаќин на големи спортски спектакли и дека ваквите моменти дополнително го обединуваат народот. Европската титула на ГРК Охрид не е само успех на еден клуб.

Таа претставува победа на целиот град, на сите генерации спортисти, тренери и спортски работници кои со години го граделе охридскиот спорт. Дочекот на плоштадот ќе остане запаметен како вечер кога Охрид за првпат го почувствува она што го гледаше кај другите – радоста да ги слави своите европски шампиони.