Животот пишува романи. Велат пријателите од детство се силно поврзани и тоа пријателство трае цел живот, без разлика каде и да се. Едно такво пријателство ви пренесуваме токму денеска. Една необична животна приказна, кога блиски другари од основно училиште се сретнаа после 40 години.
„Ова се нашите пријатели од Малме. Колку е мал светот! Со Рони учевме заедно до седмо одделение, а потоа исчезна. Рекоа отишол во Шведска! Никогаш не го заборавив и секогаш се прашував каде е, што прави. Беше поинаков од сите останати машки во класот кои се правеа мангупи и ги чепкаа девојчињата. Тој беше свој, многу воспитан и културен. Живееше позади мојата куќа, сам со татко му и секогаш зедно се враќавме од училиште. Во фабриката Отекс имаше големи боксови со мек филц за кебиња во различни бои. Ги организиравме правејќи соби во различни бои. Секој ден поминувајќи покрај Отекс одбиравме една соба со различна боја и седнувавме. Разговаравме со часови на различни теми. Во неговите очи постојано беше присутна некоја тага. Немаше мајка, а неговиот татко се ожени со друга која воопшто не го сакаше. Еден ден не дојде на училиште, не дојде ни следниот. Исчезна без збор и поздравување. Се сретнавме после 40 години. Не се познавме во прв момент, но кога почнавме да разговараме……Рони…многу специфично име….ми текна! Заминал за Малмо сам каде го згрижила шведска фамилија и го школовала. Денес има прекрасна жена и две деца. Многу убава фамилија. За да се оддолжи за помоштта која фамилијата го сторила за него, тој денес исто така згрижува 7- годишно дете од проблематични родители и му ја дава својата љубов како на свое родено дете! Го учеше да јаде со нож и вилушка, да биде одговорен и многу други нешта. Пресреќна бев што повторно го сретнав Рони и заедно со неговото семејство се чувствував како да се знаеме цел живот! Тоа е животот“, вели професорката Ангела Крстаноска Паскуале.
Професорката деновиве е токму таму во Малме – Шведска. Имаат многу што да си кажат со Рони. 40 години се прераскажуваат.
А Рони, кој животот од оддалечил од родниот Охрид, за читателите на Охрид 1, раскажува од своја перспектива.
извор: Охрид 1