АктуелноОхрид

Бектеши и Кошарац потпишаа договори за економска соработка и соработка во туризмот помеѓу Северна Македонија и БиХ

Министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за надворешна трговија и економски односи на Босна и Херцеговина, Сташа Кошарац денеска во Министерството за економија потпишаа Договор за економска соработка помеѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина и Договор за соработка во областа на туризмот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Босна и Херцеговина.

Целта на Договорот за економска соработка помеѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина е промовирање соработката помеѓу владини институции, професионални организации, деловни асоцијации, економските оператори, стопанските комори и др. Исто така со договорот ќе се поттикне и олесни размената на економски информации од взаемен интерес, да ги поддржуваат договорите помеѓу бизнисмените и поддршката за учество на изложби и саеми организирани во нивните земји, да поттикнуваат инвестициски активности, основање за заеднички вложувања.

Со Договорот за соработка во областа на туризмот се овозможува зајакнување на постојаните контакти и воспоставување нови како и проширување на соработката од страна на туроператорите, преку аранжмани со туристичка понуда од двете земји, размена на експерти, одржување на семинари, зголемување на пропагандните активности со промовирање на нашата туристичка понуда, отварање на можности за директни инвестици и заеднички вложувања на фирми од оваа земја во македонското туристичко стопанство, учество на туристички саеми, како и снимена документација на видео записи за убавините и туристички можности на двете земји.

“Министерството за економија секогаш е заинтересирано да се продлабочи соработката со БиХ, денска тоа и го формализиравме со склучување на два договори. Еден во делот на економската соработка, а еден во областа на туризмот. Многу е важно да ги хармонозораме работите кои се потребни за стопанствениците од двете земји, а тоа е олеснување на трговијата, што ќе значи и зголемување на трговската размена“ кажа министерот Бектеши по потпишувањето на договорите и дополни дека помеѓу двете земји има потенцијал за соработка во делот на енергетиката, со оглед на тоа што БиХ е најголем нето-извозник на електрична енергија од сите земји во регионот, како и во делот на реализација на заеднички проекти и инвестиции во нови енергетски капацитети.

„Северна Македонија има одлични билатерални односи со БиХ и ние ги поддржуваме сите регионални иницијативи се со цел да им олесниме движењето и работата на компаниите и граѓаните на сите земји во регионот, како што е примерот на Опен Балкан. Вратата на оваа иницијатива е отворена за сите земји на Западен Балкан“ кажа Бектеши.

Министерот Кошарац кажа дека е важно да има размена на искуства помеѓу сите земји на Западен Балкан, но и зголемена соработка со Севрна Македонија.
“Со договорот за економска соработка ќе се мапира кои ќе бидат конкретните политики и чекори кои ќе се носат во наредниот период за поврзување на компаниите помеѓу двете земји.Исто така има голем потенцијал за соработка во делот на туризмот. Северна Македонија има позитивен исчекор кога станува збор за туристичката понуда и привлекување на странски туристи и со Договорот за соработка во туризмот кој денеска го потпишавме се овозможува да се зголеми соработката меѓу двете земји и да се понуди заедничка туристичка понуда за сите земји во регионот“ кажа Кошарац.

Вкупната трговска размена помеѓу Северна Македонија и Босна и Херцеговина е во континуиран раст во изминатите неколку години. Минатата година остварена е вкупна размена од 193 милиони евра што е зголемување за 5% споредено со 2021 година.

Според статистичките податоци во 2022 година 6.854 туристи од Република Босна и Херцеговина ја посетиле Северна Македонија, што е раст од 32,3 %, споредено со претходната година.

Извор: Влада