четврток, ноември 14, 2024
АктуелноОхрид

Второ Воскресение – Вечерна на љубовта

Воскресенската радост денес ги исполнува душите на сите, а невечерната светлина озарува сѐ околу нас – и лицата на верните и нивните домови и природата – насекаде се чувствува победата на животот, триумфот на Божествената љубов која го промени светот. Веста за Победителот на смртта, за Воскреснатиот од гробот, громогласно одекнува низ сиот православен свет и ја испраќа својата неовоземна љубов која е утеха за сите народи. Светлината Христова која заблеска од празниот Гроб ја озари сета вселена, објавувајќи ја новата твар.

Духот на таа радост и воскресенското ликување во Бигорската Обител продолжија и по пасхалното бдение. Така, вчера беше отслужена и традиционалната Вечерната богослужба на љубовта, која одново ги собра монасите и монахињите, заедно со Старецот Епископ г. Партениј, како и многубројните гости, во празничниот амбиент на храмот на Крстителот, за светла прослава на славно Воскреснатиот. Евангелието за Воскреснатиот наш Господ беше прочитано на повеќе јазици од страна на бигорските архимандрити и јеромонаси. Тоа насекаде ја пренесе најважната порака дека Воскресението Христово е темел на верата и надежта на Христијанинот, извор на љубов и сила, живо присуство на Воскреснатиот во срцето на човекот. Христос навистина воскресна!

 

 

Бигорски Манастир