Кога Пресветата Дева наврши единаесет години пребивање и служење во ерусалимскиот храм и четиринаест од раѓањето – значи кога стапи во петнаесеттата година од животот – свештениците и соопштија дека според Законот повеќе не може да остане при храмот, туку треба да пристапи кон веридба и брак. Одговорот на Пресветата Дева беше големо изненадување за тамошните свештеници. Изјави дека таа себеси Му се посветила на Бога и не сака да стапува во брак со никого. По Божја Промисла и вдахновение тогаш првосвештеникот Захарија, татко на свети Јован Крстител, се договори со другите свештеници, собра дванаесет вдовци од Давидовото племе за да пронајдат еден на когошто би му ја довериле Дева Марија како на оној кој ќе ја чува нејзината девственост и ќе се грижи за неа. Му ја доверија на стариот Јосиф од Назарет, којшто ѝ беше роднина. Во домот Јосифов Пресветата Дева продолжи да живее исто како во Соломоновиот храм, минувајќи го времето во читање на Светото Писмо, во богомислие и ракоделие. Од дома не излегуваше речиси никогаш, ниту се интересираше за светските работи и настани. Малку зборуваше со кој било и никогаш без особена потреба. Најчесто општеше со ќерките на Јосиф. Но, кога се исполни времето означено со пророштвото на Даниил и кога Бог благоволи да го исполни ветувањето што му го даде на прогонетиот Адам и на Пророците, на Пресветата Дева ѝ се јави во одајата великиот архангел Гавриил, а некои свештеници пишуваа дека во оној миг таа го имала пред себе отворено пророштвото на Исаија кој вели: „Ете, девојка ќе зачне и ќе роди син!“ Гавриил ѝ се јави во архангелска светлина и ѝ рече: „Радувај се, благодатна! Господ е со тебе!“ И сè друго, како што пишува во Евангелието на Божествениот Лука. Со оваа архангелска благовест и со слегувањето на Светиот Дух врз Пречистата Дева, започна спасението на луѓето и обновата на созданието. А историјата на Новиот Завет ќе значи радост за човештвото и за сета твар.