АктуелноОхрид

ФТУ Охрид дел од меѓународен конзорциум за истражување и генерирање дигитални алатки за одржливи практики во кулинарство

Во организација на Атлантскиот технолошки универзитет од Голвеј (АТУ), Ирска, од 20 до 24 февруари 2023 година, се одржа транснационална тренинг конференција за одржливи практики во кулинарството, како дел од проектот SCOOK во рамки на акцијата КА220VET од Еразмус + програмата, а на која учествуваа професори и професионалци од повеќе високообразовни институции од Ирска, Франција, Шпанија и Македонија.

На покана на АТУ универзитетот од Галвеј, дел од оваа тренинг конференција беа и професорите од Факултетот за туризам и угостителство (ФТУ) од Охрид: д-р Климент Наумов и д-р Александар Трајков, кои претходно учествуваа во подготовка на апликацијата за SCOOK проектот со колегите од  АТУ универзитетот во Голвеј, Ирска; Едукативниот центар за кулинарство Медитеранео во Валенсија, Шпанија и Школата Жесе де Форест од Авен, Франција и Факултетот за биотехнички науки од Битола, Македонија.

На конференцијата се одржаа серија работилници согласно целите на проектот кој се вклопува со приоритетите на ЕУ за одржлив развој како дел од Агендата 2030 на ОН. Посебно внимание се посветува на одржливоста во секторот Хотели, Ресторани и Кетеринг, од сите делови на синџирот на храна: производство на храна, преработка и пакување на храна, транспорт на храна, подготовка на храна, отпад на храна и рециклирање.

Целта е да се подигне свеста за одржливоста и влијанието на животната средина врз синџирот на храна, пред се во институциите што едуцираат кадри од секторот хотели, ресторани и кетеринг. Резултатите од истражувањата што ќе се вршат во текот на проектот ќе се искористат за развивање на дигитални и други ресурси што ќе ја стимулираат дигиталната подготвеност во врска со одржливоста. Тоа ќе се постигне преку генерирање на повеќејазичен прирачник за одржливост на синџирот на храна во 4-те партнерски институции. Притоа, ќе има серија од 4 вебинари за тековните традиционални и иновативни практики за одржливост; и на крај ќе се креираат повеќејазични иновативни дигитални педагошки материјали за одржливи практики во кулинарството (на пр., видеа, игри, h5p содржина и сл.).

Тим од Универзитетот Св. Климент Охридски Битола во наредните три години ќе работи во подготовка на студиите и современите дигитални алатки што ќе се користат во образованието и обуките како дел од меѓународниот конзорциум на професори и експерти од повеќе образовни и тренинг институции од Ирска, Франција, Шпанија и Македонија.

извор: ФТУ