Магазин

Египет: Во Кеопсовата пирамида откриен нов скриен премин

Во внатрешноста на Кеопсовата пирамида (пирамидата на кралот Куфу), која е најголема меѓу пирамидите во Гиза, што се наоѓа западно од египетската престолнина, Каиро, е откриен нов скриен премин кој се смета дека води до погребна просторија на кралот, пренесува Анадолу.

Според вестите во египетските медиуми, министерот за туризам и антиквитети на Египет, Ахмед Иса, одржа прес-конференција пред Кеопсовата пирамида во рамките на откривањето на резултатите од проектот за истражување на пирамидата, што започна во 2015 година.

Иса нагласи дека за време на ископувањата во рамките на проектот, внатре во Кеопсовата пирамида е откриен премин долг над 9 метри и широк 2,1 метар.

Египетскиот министер рече дека откритието е направено во рамките на работата на Министерството за туризам и антиквитети, Високиот совет на антиквитети и Универзитетот во Каиро, заедно со меѓународните универзитети од САД, Франција, Германија, Јапонија и Канада.

– Најважно меѓународно откритие во Кеопсовата пирамида –

Според веста на интернет-страницата „Masrawy“, египетскиот археолог Захи Хавас, кој бил дел од овој проект, истакна дека тие се соочуваат со многу важно меѓународно откритие во рамките на Кеопсовата пирамида и дека ова откритие ќе има голема важност во светот.

„Мислам дека погребната соба на кралот Куфу не е пронајдена и овој премин ја штити собата во која се наоѓа гробот на кралот Куфу. Ние мора да ги завршиме истражувањата за повеќе тајни да ги доведеме на виделина“, рече тој.

Ректорот на Универзитетот во Каиро, Мухамед ел Хашт, рече дека овој скриен премин е откриен како резултат на непрекината 7-годишна работа.

Тој истакна дека јазот за прв пат е пронајден во 2016 година од истражувачкиот тим и дека ова е потврдено во 2017, 2018 и 2019 година користејќи 5 техники.

Се смета дека Кеопсовата пирамида, наречена и пирамида на кралот Куфу, кој живеел во Египет за време на 4-тата фараонска династија, е изградена помеѓу 2566-2589 година пред нашата ера.

Кеопсовата пирамида, која е една од седумте светски чуда, е висока 140 метри и е најголема меѓу пирамидите во Гиза.

Извор:Анадолу.

фото:Анадолу.