АктуелноОхрид

Четврток вечер – Четврта солзна молитва

Eве, повторно, пред дверите на мојот Владика паѓам, молејќи и барајќи, поклонувајќи се и со страв повикувајќи. Зашто за слугата којшто пред својот Владетел згрешил, подобро е да не бега од Неговите раце, туку да остане во Негова власт.

Приклони го Владико, Своето уво, слушни ја мојата тага и прими го гласот на молењето мое што јас, посрамениот грешник, ти го принесувам. По милоста Твоја, излеј на мене, бедниот, барем капка внимание, за да стекнам малку усрдност за поправање на себе самиот. Зашто ако благодатта Твоја не ја просвети мојата душа, не ќе можам ни да ги забележам моите безделност и страсти.

Гревот најде свое пасиште во мене, господарејќи над мене, и секој ден сè повеќе ме понижува и во бездна турка. А јас, бедниот, не престанувам да Го гневам Бога, не плашејќи се од оној неизгаслив оган, ниту пак треперам од вечните маки. Гревот што во навика ми преминал, ме влече во полна пропаст. Иако себеси се изобличувам и не престанувам да се исповедам, сепак во гревови останувам. Гледам и не забележувам, оти и во самото покајание грешам, не бавејќи се со согледување на делата свои, туку покајанието свое го обвинувам. Како роб на гревот и не сакајќи правам зло, како војник под власт на гревот, нему му се покорувам, па иако имам можност да побегнам, на таа навика која царува во мене данок ѝ плаќам. На страстите предавајќи се, плаќам данок на плотта.

Знам дека пустошот во мене сè поголем станува, а јас, одново, како роб, штом ќе ми се нареди, со него содејствувам. Бегам од претстојната ми борба, и како пес на синџир, кај наредбодавецот се враќам. Го мразам гревот, од беззаконија се одвраќам, но пребивам во страсти, бидејќи тие владеат со мене, несреќниот, па и против својата желба на сластољубие се предавам, и по нужност, на својата природа ѝ робувам. Слободната ми волја страст ја поткупила и со гревот ме напојува. И покрај разумот, вријат во мене страсти, зашто со плотта сум ги соединил и сега не трпат раздвојување. Брзам волјата своја да ја пренасочам, но претходната ми состојба се противи во тоа.

Се трудам, бедниот, душата своја да ја ослободам, но злобниот заемодавец во уште поголеми долгови ме воведува. Не спомнува враќање, туку дарежливо ми позајмува, и не бара никогаш, бидејќи единствено моето ропство го посакува. Дарува за со страсти да се збогатам и позајменото не го бара назад. Би сакал стариот долг да му го вратам, а тој нов ми додава. Ако себеси малку од страстите си скратам, тој, за да ме победи, ми додава нови. И гледајќи дека постојаниот долг во грев ме задржува, во нови желби ме воведува, и за да не се исповедам, во заборав на моите страсти ме фрла. Со нови страсти се среќавам, и зафатен со нив, претходните ги заборавам. Се здружувам со новојавените страсти и должник повторно останувам; им трчам во пресрет како на пријатели, а моите заемодавци, одново, се однесуваат со мене како господари. И јас, кој до скоро се трудев слобода да добијам, заради нив скапо продаден роб постанувам. Брзам да ги раскинам оковите нивни, и одеднаш во нови се наоѓам. Брзам од војувањето во нивните редови да се ослободам, но бидејќи многу дарови примив од нив, домаќин им постанав.

О, каква е над мене власта на гревовните страсти, и какво владеењето на вештата и лукава змија. Делувам по својата природа, а таа трговија започнува, ми дава залог за умот на самиот грев да го продадам. Да му угодувам на телото ме поучува, под изговор дека тоа ќе ѝ служи на душата. И бидејќи од сластољубие сум победен, и на незадржливиот сон веднаш предавајќи се, од неговите услуги потполно се лишувам.

Кога се молам, помисла за некакво безначајно задоволство ми праќа, и со него како со синџир мојот слаб ум го држи, а ако умот сака да побегне, синџирот не попушта. Така гревот над умот мој стражари и вратата на сознанието ја затвора. Злобата непрестајно умот го надгледува, за согласност со Бога да не најде и трговијата на плотта да не ја спречи. Мноштво измешани помисли донесува, тврдејќи дека на Судот за такви ситници збор нема да стане, дека невозможно е дури и да се дознаат таквите мисли, и дека сè слично на тоа на заборав предадено ќе биде. Но јас изобличувањето свое пред себе го гледам и знам дека ми претстои казна.

Со ова ме држи, со ова ме врзува со ова ме продава и купува, со ова во заблуда ме воведува, со ова ми ласка и на себе ме потчинува, оти, како што вели Апостолот, телесниот човек, во ропството на гревот е продаден (Рим.7,14). Зашто гревот, што е во моето тело, владее со умот, и по моја вина, делувањето на плотта користејќи го, мојата душа ја обременува. Науми ли некој да пости или бдее, на себе рани ќе си нанесе. Гревот преку телото, душата, како своја сопственост, со синџири ја оковува, и како овца за колење или полетна птица ја врзува, и како на силен џин, со помош на истото тоа тело, раце и нозе ѝ отсекува. Не можам ни да бегам, ни себеси да си помогнам. Тешко мене, жив мртовец сум; гледам, а не догледувам, од човек пес станав. Со мене, макар што ми е даден разум, како со скот се однесуваат.

Сфати, бедна душо, дека радоста, раскошот и спокојот на овој век со жалост и мака се исполнети, а неволјите постот и страдањето неискажлива радост и вечен живот ти носат. Обрати се, душо, и во безмолвие подвизувај се, та кога ќе дојде часот на смртта и раздвојувањето, неподготвена да не се покажеш. Спомни си, душо моја, на призивот твој и начинот на твојот живот, каков ти е патот, зошто е и на каде оди. Сè што постои до својот земски крај се приведува, па и на безгрижноста твоја ќе ѝ дојде крајот. Амин.

Бигорски Манастир