АктуелноОхрид

Чиста среда – духовното величие на тримирот

Живеејќи ги првите посни денови од Светата Четириесетница во крајно воздржание, засилена молитва и внимателност врз себеси, денес, на првата света Литургија на Претходноосветените дарови, нашиот Господ, Бог и Спасител Исус Христос нѐ удостои да се причестиме со светите, пречисти, бесмртни, небесни, животворни и страшни Тајни.

Огромен благослов се излеа над нашата Свештена Обител, над нашата Црква и Татковина, бидејќи заедно со монасите во исклучителниот подвиг учество зедоа и многумина млади Христијани од повеќе места, дојдени со голема храброст, подготвеност и побожност, подложувајќи се на тешкиот подвиг во тримирот – тоа блежно тридневие на целосно воздржување од храна и вода.

Со вера и љубов да пристапиме, за причесници на вечниот живот да станеме. Денес за прв пат во оваа Света Четириесетница, на Литургијата на Претходноосветените дарови, отслужена од нашиот возљубен Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, со толкава посветеност и богопреданост, заедно со браќата јеромонаси и јероѓакони, го слушнавме овој радосен призив. Оти, пристапувањето кон Светата Причест не е една вообичаена секојдневна пракса, една обична обврска за Христијаните. Тоа е нешто многу повеќе. Тоа е копнеж за Христа, тоа е кога душата ти гори да се соедини со нејзиниот Жених, со Љубовта на нејзиното постоење. Правилниот приод кон оваа најголема Тајна на Црквата значи свесност на душата дека таа не може без Христа. Тој неугаслив копнеж на душата за соединување за Христа, го посведочија и многубројните верни, коишто и покрај нивните работни и семејни обврски, притекнаа во нашите обители, за да го примат благословот од тридневниот целосен пост. Наместо леб, нивна храна беа превкусните Богослужбени пенија; наместо вода, нивно питие беа Божествените Давидови псалми, читањата од Светото Писмо, покајните изливи од Канонот на Свети Андреј Критски, непрестајната молитва Исусова… Навистина, во изминативе три дена господареше вечноста, просторот во кој одекнуваше ехото на Царството Божјо. Иако бевме на Земјата, како да се наоѓавме на Небото…

Старецот, пак, и овој пат татковски нѐ благослови и нѐ прегрна во љубовта Христова, обновувајќи ни ги душевните сили, за добро продолжение на остатокот од оваа стаза на подвиг за севкупно очистување, та со очистени срца и светли мисли да им се поклониме, најнапред на Светите Страданија Христови, а потоа и на Неговото Сесветло Воскресение.

 

Бигорски Манастир