среда, ноември 27, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхридРепублика

Келнерите и куварите на лето во Хрватска за 4 пати поголема плата

Келнерите и куварите за три месеци работа во Хрватска заработуваат колку цела година во Македонија. Најголем дел од оние кои заминале во Хрватска кога во октомври ќе дојдат во Македонија одмараат или веднаш договараат работа во скијачките центри каде работат по два месеци, а комбинацијата работа во Хрватска во лето и зимски центар во зима им нози пет пати поголема заработка од колку кога би работеле во угостителските објекти во Македонија.

Заради подобри услови за работа, далеку по професионален однос, но што е најважно за далеку поголеми плати, и ова лето келнерите и куварите од Охрид масовно заминуваат на работа во Хрватска, каде за 5 месеци заработуваат многу повеќе пари од цела година во Охрид и Струга.  ТВ 21 пишува дека и ова лето угостителите во Струга и Охрид ќе се соочат со недостиг од професионален кадар поради ниските плати и други дополнителни придобивки.  Како најомилена дестинација за летната сезона, готвачите и келнерите го избираат хрватското крајбрежје, каде платата е повисока но имаат и други придобивки. Евељдина Дика, директорка на регионалната единица на Агенцијата за вработување во Струга, вели дека на градот му недостигаат квалификувани работници во угостителскиот сектор како и медицински кадар.

„Немаме готвачи, немаме квалификувани келнери, немаме асистенти во кујна. Од друга страна немаме ниту фармацевти, техничари, лаборанти, немаме медицински сестри, немаме ниту лекари. Колку што гледам по медиумите нема лекари. Слободно можам да потврдам дека немаме ниту лекари, или се на специјализација или се надвор од државата“, вели Евељдина Дика.

И тој кадар што го има во угостителството заминува по другите држави, особено преку лето, а омилена дестинација е Хрватска. Ова го кажува еден готвач од Струга кој секое лето работи на хрватското крајбрежје. Според готвачите, платата што ќе ја земат за три месеци, овде не можат да ја заработат ни за една година.