Македонија

Работодавачите ќе мора да даваат нормална плата!

Работоспособното население не само од Македонија туку од целиот регион добива мотив плус да ја побара својата подобра иднина во странство. Германија веќе објави дека за годинава ќе и требаат 50 илјади работници кои се без квалификации, а како прва опција и се граѓаните на Западен Балкан. Работодавачите од земјава стравуваат дека дополнително ќе се искомплицира пазарот на труд во Македонија, експертите алармираат дека потребни се итни визионерски мерки за да се премислат работниците и да останат во земјава, а пак власта е на став дека не е се така сјајно на запад, и годинава акцентот ќе биде ставен на вработување токму на некфалификуваните работници.

Во кругот на приватниот сектор веќе на големо се дебатира за опасностите кои може да настанат во стопанството ако голем дел од работниците од Македонија кои не се задоволни само од платата која ја добиваат туку и од останатите сегменти на живеењето решат да заминат во Германија. Најмоќната економија во Европа ја реактивира идеата која ја најави уште во 2019 година, но поради пандемијата ја стопираше. Планот на германските власти е нивната економија годинава да биде многу активна, а работници за нивниот севкупен план засега немаат. Бизнисменот Горан Рафајловски вели дека Германија во моментов е економски непријател на Балканот. Тој смета дека наместо 50 илјади од овие простори ќе заминат три пати повеќе работници не само неквалификувани, туки и кадар кој што е дефицитарен во Македонија.

„Ние ништо не работиме на таа тема како да си ги задржиме сопствените луѓе тука. Не издвоивме ниту еден план како и на кој начин гледаме дека можеме земјата да ја направиме самоодржлива. Ние сме неодржливи сами за себе. Ние сме прехранбено зависни, сме енергетски зависни, автопатски сме катастрофално нерешени“, вели стопанственикот Горан Рафајловски.

Професорот по трудово право Лазар Јовевски вели дека секоја власт најавува мерки и планови за вработување, но граѓаните на Македонија никогаш не престанаа масовно да си заминуваат.

„Ах тие мерки, се изнаслушавме само мерки, мерки, мерки, сегашни и стари, и идни, но луѓето си заминуваат од Македонија. Тоа е факт. Дали не знаеме да носиме добри мерки, или работите не ги гледаме пошироко, мене тоа повеќе ме загрижува. За ова второто некако доцниме со сите работи. А оваа тенденција ни е од 90те години од минатиот век. Но за да донесеме ние добри мерки мора да знаеме што се случува во моментов на пазарот на труд во Европа, и во регионов затоа што тука нас ни флуктуира работнатга сила. Се случува огромна дигитализација, унијата има огромни фондови за дигитална трансформација на работните односи, и внесување на вештачка интелегенција на самите работни места а тоа ќе трае до 2030 година. Потоа се случува стареење на Европа, и се случува да се прават проекции на ниво на европски економии, каде што тие проектираат што ќе се случува“, вели универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

Од ресорното министерство за труд велат дека од околу 115 илјади невработени лица во земјава дури 65 отсто се неквалификувани, а тоа се токму какви што бара Германија. Тоа се граѓани кои имаат завршено основно или незавршено средно образование. Властите велат дека целта за 2023 година е токму овие лица да бидат вклучени на пазарот на труд. Информациите на министерството за труд велат дека за неквалификувани работници има голем интерес од компаниите од земјава.

„Неквалификуваните работници, се наш таргет во Оперативниот план за вработување за 2023 година. Со прекфалификација и докфалификација да ги оспособиме со вештини кои што одговараат на потребите на работодавачите. Затоа Оперативниот план го правевме со Стопанската комора со Организација на работодавачи, и со компаниите кои се во ТИРЗ зоните. И така ќе може да видиме што е тоа како работна сила која им е потребна на компаниите. “

denar.mk