Почитувана господо од ДПМНЕ, За да говорите за проекти кои носат развој треба да знаете да ги реализирате. Само ако ги реализирате, граѓаните ќе го видат и почувствуваат развојот кој очигледно е само во Вашите глави, илузии и замисли. Но тоа за Вас не е својствено, она што најдобро го знаете е да навредувате, клеветите, омаловажувате и да губите време во барање виновник за Вашата неспособност, се вели во соопштението од ОО СДСМ.
Во продолжение истото го пренесуваме во целост:
Времето бргу поминува, Вашите проекти се невидливи. На крајот на секоја година плановите Ви се менуваат, а роковите за отпочнување на реализација ги одложувате за наредната година. Со оглед на тоа што брзо заборавате ќе Ве потсетиме: ветивте нов плоштад, ветивте ново училиште, градинка, ветивте две катни гаражи и една смешна велосипедска патека, адреналински парк, памп трака, градски систем за велосипеди итн. Но ги нема, не постојат.
Затоа пак, успешно го реализиравте она што не го ветивте. Максимално ги зголемивте без аргументирана финансиска анализа цените на услугите речиси на сите јавни претпријатија, правдајќи се со светската економска и енергетска криза. Очекувано, затоа што за Вас мора да постои некој кој е виновен, а тој некој не смее да сте Вие.
Иако скромен со капитални инвестиции, најмалку што можете да направите е да ги реализирате проектите од Вашиот допис со кој дрско ги напаѓате советниците од СДСМ и коалицијата. Ако се има во предвид како лесно со ребалансите ги тргнавте капиталните проекти од Буџетот за 2022 година, не постои надеж дека тоа нема да се преслика во 2023 година. Скроивте повторно Буџет на трансакции, манифестации, фестали. Вложувањата на централната власт во образованието по навика ги прикажувате како вложувања од сопствени средства, реконструкција или крпење на ударни дупки на една тесна уличка или нејзин крак ги прикажувате како Ваше ремек дело, а за системите за водоснабдување не смогнавте ни доблест да им соопштите на граѓаните каде ќе ги изградите, за да може локалното население да очекува и да се надева.
Нема да го користиме Вашиот жаргон, но ќе ви препорачаме пред да одлучите да користете навредливи квалификации и да трошите време во барање виновници, покажете самокритичност и отпочнете со решавање на проблемите и задачите кои се поставени пред Вас. Почнете да ги реализирате проектите кои им ги ветивте на граѓаните.
извор: ОО СДСМ