среда, ноември 27, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

(ФОТО) Советникот Божиновски говореше на промоцијата на капиталното дело Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“, од авторите проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски

Во рамките на чествувањата посветени на патронот на градот имав чест на свечена промоција да говорам за едно вредно книжевно и капитално дело посветено на нашите светители, учители и духовни исцелители „Книга за светите браќа Климент и Наум Охридски“, од авторите проф. д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорго Димоски, издадено под покровителство на Општина Охрид.
Навистина е тешко да изберам вистински зборови за да ја доловам мојата возбуда, што како филолог, македонист, охриѓанец и пред сѐ како Македонец можам да потврдам дека оваа книга е уште еден значаен доказ за нашиот македонски идентитет, светол паметник на нашето потекло и неизбришлив дел од милениумската историја на Охрид и македонскиот народ.
„Радувај се Клименте, зашто живее твојата писменост, твојата црква, твојата школа.
Радувај се Науме, зашто жива е твојата одбрана на седмочисленичкото ваше заемно дело. И сега и секогаш и во вечни времиња. Знајно и вистинито“ – со оваа порака завршува воведното слово на оваа книга, која низ нејзините страници нѐ води низ животот на овие свети браќа, ни раскажува за нивното книжевно дело преку најзначајните житија и написи од најпознатите слависти, преродбеници и литературни дејци.
Во ова издание се поместени и низа творби од народната и уметничката литература кои носат силна порака и навистина вреди да се прочитаат.
Воодушевен сум од трудот на авторите и нивната умешност во креирањето на уште едно издание кое ќе остави длабока трага и силен печат на охридското и македонското културно богатство. Во мое лично име и во името на градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков сакам уште еднаш да им упатам срдечна благодарност и да им оддадам посебно признание за сите досегашни изданија кои ги приредија за Општина Охрид.
Ова е шеста книга од серијалот на книги со кои Локалната самоуправа покажа дека е цврсто определена да ги негува културните традиции и да дава придонес во зачувување на историските вредности на Охрид.
Убеден сум дека оваа практика ќе продолжи и во иднина и верувам дека наскоро ќе може да се радуваме на уште некое ново значајно издание.
Во пресрет на утрешниот голем празник посветен на патронот, заштитникот на Охрид, кога го славиме и чествуваме името на нашиот Свети Климент Охридски, би сакал да упатам искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија со порака дека треба да ја чуваме нашата историја бидејќи таа е нашето битие и темел на нашата иднина и иднината на новите генeрации!
И денес, нежно треперат листовите допрени од света рака, громогласно бијат камбаните за светецот кој нѐ сака. Пред бурите што ќе дојдат, северецот кога дува, молитвата наша вели: ,,Свети Климент да нѐ чува!”
Нека ни биде честит и вековит празникот, нека е вечно и вековито името на Свети Климент Охридски, нека е вечен нашиот Охрид, нека е вечна Македонија!
Промотор беше новинарот и публицист Диме Ратајкоски, а стихови рецитираше актерот Ивица Цонев.