АктуелноОхрид

Трошоците се драстично зголемени, а приходите со реконструкцијата на „Македонски Просветители“ се значително намалени, вели Андоноски

Не е исто раководењето на ЈП „Билјанини Извори“ сега и пред една година, рече директорот на претпријатието, Тео Андоноски, на денешната седница на Советот на општина Охрид, на која меѓу другото се расправаше и за кварталните извештаи во работењето на јавните претпријатија во Охрид.

Како што посочи Андоноски, трошоците се драстично зголемени, а приходите со реконструкцијата на „Македонски Просветители“ се значително намалени.

„Во делот на рампите или т.н. премиум зона, само во јули-август имаме намалени приходи приближно 3 милиони денари. Од договори за вонградежна парцела 1 милион 300 илјади денари намалување. Од концерти на стадионот имаме 600.000 денари намалување, од неиздавање на базенот за концерти имаме намалување 500.000 денари. Или севкупно ако ги земиме 5.400.000 денари намалување на приходите. На паркинзите кај судот дневно се остваруваше од 30 до 40 илјади денари приход. Ова е најкризна година за ЈП Билјанини Извори, а се споредуваме со најдобрата година 2021 година во работењето на претпријатието, која била рекордна во однос на приходите. Ние горе долу се надевам дека на крај покрај сите работи каде што имаме намалување ќе излеземе да бидеме пата пата“, истакна Андоноски.

Во однос на трошоците Андоноски ги напомена, трошокот за електрична енергија, зголемувањето на платата.

„Ние имаме заштеда на електрична енергија од 50%, во однос на киловат часови потрошени, а имаме зголемување на трошокот за 800.000 денари. Имаме реконструкција на базенот од 1.179.965 денари. Имаме зголемување на трошоци за комунални услуги за 700.000 денари, каде што откривме дека во минатото еден сат не бил читан и таму фалат 90.000 кубици вода непрочитани. Во однос на бруто платата имаме зголемување од 1.300.000 денари, каде влегуваат и минималната плата и работа во недела и државни празници. Или вкупно кога ќе ги собериме сите трошоци имаме 4.000.000 денари зголемување кои што не зависат од работењето на јавното претпријатие“, рече Андоноски.

Извештајот за работaтa на ЈП „Билјанини извори“ за периодот од 01.07. – 30.09.2022 година беше усвоен со мнозинство гласови.

 

 

ohrid24.mk