Охридското Супер радио, еден од најстарите приватни електронски медиуми во Република Македонија, денес го прославува 30-тиот роденден.
Приказната започна во ноември 1992 година, веднаш по осамостојувањето на Република Македонија. Со неа растеше и се развиваше, со неа ги помина сите проблеми кои го следеа во растењето, со неа стигна до 30. година од постоењето.
– Зад нас се полни 30 години, во кои Супер радио изгради свој сопствен и препознатлив став кон случувањата и животот во Охрид. Безбројни акции за помош на сограѓани, Гинис, „изборот“ на градоначалник од рипката Желба, поддршка на спортски и културни манифестации… Во исто време забавувавме и информиравме, секогаш Брзо, Точно и Проверено… Работевме се’ и добивме се’. Веќе 30 години Охрид е СУПЕР и СУПЕР е Охрид. Сакаме да испратиме ОГРОМНА благодарност до целиот град, до сите наши слушатели, поддржувачи, деловни партнери и пријатели, до сите кои годиниве наназад веруваа во нас и ни овозможија да ја одржиме приказната во живот, порачуваат од Супер радио.
Медиумот има активна програма со комплетна информативна забавна спортска и културно образовна програма. Супер радио веќе подолго време е препознатливо во регионот и во маркетиншкиот и продукцискиот дел.
Според сите анкети на АВМУ, Супер радио е убедливо најдобрата, најслушана и највлијателната локална радио станица во Република Македонија. Потврда за успешната работа на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба во 2017 година за досегашната успешна работа и придонес за градот.
извор: Супер радио