петок, ноември 15, 2024
АктуелноОхрид

Учениците од охридската Гимназија во посета на Јавната установа Национален парк Галичица

По повод одбележувањето на годишнината на Јавната установа Национален парк Галичица, на 25 oктомври, се организираше работилница во Инфо Центарот на НП Галичица во Охрид, каде што ученици при ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид имаа можност да бидат дел од овој едукативен настан.

На работилницата од страна на вработените во ЈУНПГ беа презентирани природните и културните вредности на НП Галичица. Се оддржа и презентација за промоција на едукативен пакет за хидро хемиски анализа на водата во изворите на „Св. Наум“ (начин на колекционирање, работа во лабораторија, постигната резултати). Беше промовиран и едукативен пакет за копнена безрбетна фауна околу изворите, составен од начини на колекционирање, прочистување на материјал и одредување видови. Двата еколошко едукативни проекти беа промовирани од страна на четворица ученици од Колеџот за стручна обука и високопрофесионално образование Friedrich-Albert-Lange-Berufskolleg од Германија.

Учениците од нашето училиште имаа можност да се запознаат со клучните вредности на Паркот, активно да земат учество во практичната изведба на активностите, како и да учествуваат во интересна завршна активност (решавање осмонасочник), со цел повторување на научените лекции од работилницата.

Се надеваме дека соработката помеѓу Јавната установа Национален парк Галичица и нашето училиште ќе продолжи и во иднина, затоа што еколошката едукација треба да биде неизоставен дел од секојдневното образование кај младите. Континуираното спроведување работилници со различни тематски содржини на полето на еколошка едукација, придонесува младите да ја разберат суштината на заштитата на животната средина и да осознаат повеќе за заштитените подрачја кои што се наоѓаат во нашата блиска околина.

 

Гимназија Охрид