АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Небесната слава на Света Параскева го озари градот Дебар

Споменот на Преподобна Параскева во Дебар секогаш внесува некаков посебен празничен амбиент, создава посебно радосно чувство, а срцата на дебарчани со умиление одговараат на таа таинствена благодатна посета на Светителката. Тогаш блеснува јасно сета нивна љубов и почит кон нејзиниот строг подвиг и борба со непријателот на човечките души – најпрвин во суровите песочни беспаќа на Јорданската Пустина а потоа и во не помалку суровата пустина на овој свет. Водена од љубовта кон Небесниот Младоженец што горела во нејзината млада душа, таа презрела сѐ свое, сите нешта што светот може да ги понуди, сите задоволства и наслади, за да може да се насладува единствено со блаженото и благодатно присуство на Оној Кој од почеток го заробил нејзиното срце. И заради Него и со Неговото име на усните, таа ги победила сите демонски сплетки, вивнувајќи се кон Небото како најсјајна ѕвезда, за оттаму да ја сведочи со својот чудесен блесок неискажливата Светлина и да им ја дава на сите верни својата благодатна помош. Безбројни се делата, неописливи чудата и несфатлива добрината што и денес се леат од нејзината силна молитва и смело застапништво пред Бога. Затоа верните свето ќе го чуваат нејзиниот спомен за навек и славата нејзина ни овде на земјата ни горе во небесната Татковина никогаш нема да згасне.

Свештениот храм на Преподобната Мајка наша Параскева во Дебар, чијшто благочестив домаќин беше богољубивиот јереј и дебарски архиерејски намесник о. Миле Ангелоски, денес беше една прекрасна и радосна глетка. Навистина, каква радост беше на душата да го гледаш светнатиот и украсен храм исполнет со сето она смирено мноштво на верни кои со свештен трепет тивко ги слеваа своите молитви кон Светата со умилното монашко пеење на рајчичките сестри и побожните псалти. На сета таа празнична убавина, круна од украс беа чесните мошти на Преподобната, донесени од сестринството на Манастирот Пречиста Кичевска. Несомнено, сето ова торжество беше голема радост и за Преподобната, која ни малку не го штедеше својот благослов, туку изобилно го излеваше на сите присутни. Особено што наш предводник во молитвеното празнично чествување беше саканиот ни Старец, Епископ Антаниски г. Партениј, чијашто силна љубов кон Подвижничката исплете прекрасно слово во нејзина чест, посочувајќи го за пример нејзиниот свет живот и непосрамената надеж во Бога.

 

Бигорски Манастир