АктуелноОхрид

Сашо Донев за претепувањето на девојката во Охрид: Никој не е над законот, правдата мора да биде задоволена!

Сашо Донев за претепувањето на девојката во Охрид: Никој не е над законот, правдата мора да биде задоволена!

 

Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, Сашо Донев, преку објава на својот Фејсбук-профил остро го осуди бруталното претепување на младата охриѓанка, случај кој предизвика огромен револт и бројни реакции во македонската јавност.

 

Донев порача дека насилството не може да биде оправдано под никакви околности и упати апел до надлежните институции професионално да постапуваат во случајот.

 

„Искрено сакам да верувам дека не постои човек на планетата Земја кој ваков насилен настан би го оправдал. Со насилство не се решаваат проблемите“, напиша Донев.

 

Тој побара од институциите максимална посветеност во постапувањето, нагласувајќи дека законот мора да важи подеднакво за сите.

 

„Апелирам до сите надлежни институции максимално посветено и професионално да си ја извршат својата работа согласно нивните надлежности. Време е да се покаже дека никој не е над законот“, порача претседателот на охридскиот огранок на ВМРО-ДПМНЕ.

 

Според Донев, исходот од постапката треба да испрати силна порака до јавноста и да придонесе кон спречување на слични случаи во иднина.

 

„Исходот од оваа одлука мора да служи како јасна поука и лекција од која ќе се превенираат вакви немили настани во иднина. Правдата мора да биде задоволена!“, нагласи Донев.

 

ВМРО-ДПМНЕ побара одговорност од охридското обвинителство

 

Инаку, ВМРО-ДПМНЕ уште од раните утрински часови остро го критикуваше постапувањето на Основното јавно обвинителство во Охрид, откако првично не беше побаран притвор за осомничениот Кристијан Корабоски, туку беа определени поблаги мерки.

 

Партијата побара одговорност и преиспитување на постапувањето во целиот случај, и покрај наводите дека осомничениот и неговото семејство, односно неговите родители, се поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ.

 

По реакциите во јавноста и критиките за постапувањето на обвинителството, уследи промена на обвинителот кој го водеше предметот, Стојан Чарнаудоски, а потоа беше побаран и определен притвор за осомничениот Кристијан Корабоски.

 

Со ваквиот развој на настаните, случајот продолжува да биде во фокусот на јавноста, која очекува целосно, независно и неселективно утврдување на одговорноста за насилството врз младата охриѓанка.